Таленти: Андреа Андрееска, идна сликарка
Летниот распуст веќе е во полн ек, а секое дете на различен начин го користи слободното време. Седмоодделенката Андреа од Прилеп најмногу му се радува на летото затоа што ќе има доволно време да ги развива своите уметнички вештини. Таа е млада уметница и најмногу од сѐ сака да црта, да слика и да прави скулптури.
Андреа Андрееска наесен ќе биде осмоодделенка во ООУ „Блаже Конески“, а нејзин класен раководител е Дејан Ангелески. Меѓутоа желбата за креативно визуелно изразување кај Андреа се родила и се покажала многу рано.
– Цртам речиси од бебе, односно откако научив да го држам моливот в рака. Мојот талент го откри учителката Ана Стеваноска од игротеката „Зиги“, а потоа талентот се развиваше благодарение на моите домашни и благодарение на наставничките Павлинче Ѕвездакоска и Габриела Стеваанџија – раскажува со благодарност Андреа.
Оваа талентирана тинејџерка, како што открива, најпрво почнала да црта луѓе, а потоа сѐ друго. Најголеми предизвик и инспирација ѝ биле средновековните цркви во стариот град Варош и Марковите кули, над Прилеп.
– Љубовта кон Бога, љубовта кон луѓето, кон природата, кон животните… Љубовта е темелот врз кој почива моето творештво и е експресија на моите хуманистички и алтруистички погледи на светот – јасно и мудро раскажува Андреа.
За своите многубројни уметнички дела, кои речиси секојдневно ги создава, таа е добитничка на повеќе награди, сертификати и признанија. Не знае во која насока ќе ја однесе натамошното образование, бидејќи добро ѝ одат сите предмети, а добитничка е и на неколку награди за знаењата од областа на математиката.
Но засега знае дека најмногу од сѐ сака да црта, а меѓу сите награди најважна и е онаа за „најдругар“, која ѝ ја има доделено наставничката Павлинче. Ф.Д.