Етика за млади

Најважното во животот, едно од најпосакуваните нешта е здравјето. Без оглед што сака некој и кон што се стреми, не смее да заборави дека здравјето е неопходно. Тоа е услов за остварување на човековите можности, извор на неговата сила, поттик за негово добро чувство и расположение.
Со зборовите „здравје“, „здраво“ се означува дека нешто не е болно, дека не е повредено. Тие зборови имаат морално значење. Здрави се оние елементи од животот и дејствувањето што се позитивни, разумни, правилни, трезвени, што имаат етичка исправност.
Доброто здравје се однесува на правилното функционирање на човековото тело, на неговите органи и на неговата психа. Тоа се: општа добра состојба на телото, добро дишење, добар крвоток, варење на храната и циркулација на материите, силина на коските и исправна состојба на другите органи за движење, развиеност на сетилата и нивно правилно функционирање, правилно мислење и добро помнење. Тука спаѓаат и немање хронични и акутни болести, стабилна психичка состојба и душевно спокојство, добар сон, немање зависности и заразни болести, живеење во хигиенски услови и во здрава природна средина.
Најзначајниот дел на сета животна етика е токму здравствената етика. Таа ѝ посочува на личноста дека треба да се интересира за функционирањето на телото и на психата. Таа треба да им посвети внимание на условите што зависат од човекот за да се обезбеди добро живеење и непречено функционирање на телото и душата.
Незаобиколна е и улогата на самата личност во чувањето и подобрувањето на своето здравје. Основно е сознанието дека здравјето може да се чува и да се развива и оти тоа е првата животна и етичка задача на личноста.
Еден млад човек треба редовно да јаде и да се одмора, да внимава да не се повреди, умерено да постапува во секој поглед. Да води сметка за можните последици од лошите дејства. Треба да се занимава со спорт и да има други физички активности (движење, помагање дома, редовни неделни прошетки…). Треба да ги послуша поискусните и лекарот кога ќе му посочат некоја обврска во врска со здравјето.
Има и етички норми што се однесуваат на заштита на здравјето, а тие гласат: Чувај го здравјето! Не прави ништо што го повредува здравјето! Грижи се за здравјето на блискиот! Јади добро и умерено! Занимавај се со спорт!

проф. д-р Кирил Темков


Етичка мисла:

Здравиот човек има стотина желби,
а болниот само една – да биде здрав.

народна поговорка