Цуцулко е малечок, но тој веќе знае да брои до… до сто. Кога мајка му ќе го праша колку е часот, тој погледнува во стрелките и бројките и веднаш кажува.
Кој ден е денес – и тоа го знае. И многу букви од азбуката познава.
Е па, кога е така, Цуцулко не е малечок.
Погледнува во ѕидниот календар, а таму: 31 август.
Приквечер е и Цуцулко го откинува листот на кој е напишано 31 август. На новиот лист стои: 1 септември.
– Мамо, утре да ме разбудиш порано – ѝ вели Цуцулко на мајка си. – Утре е првиот училишен ден. Да не задоцнам.
-Добро чедо – одговара мајка му. – Само ти легни си и не туку бркај по чантата.
Но Цуцулко не си легнува. Ја врти својата нова чанта в раце, ја принесува кон лицето, ја помирисува и некако зачудено прашува:
– Мамо, на што мириса чантава?
– На кожа. На што друго може да мириса!
– Не – вели Цуцулко и ги зема новите тетратки, новиот молив, новиот буквар, новата гума…
– Хм.
Сите предмети му мирисаат на нешто, но не може да се сети на што, не може да го открие тој чуден мирис. Затоа сега се обраќа кон татка си:
– На, тате, мирисни! Некаков… некаков чуден мирис…
– Така ти се чини – вели татко му – зашто се нови. Сите тие мирисаат на ново. Ете, тоа е…
Но Цуцулко не е задоволен ни од одговорот на татка си. Оди кај баба си.
– Ајде, чедо, не туку мирисај! – му вели таа и благо го прекорува. – Легни спиј! Утре треба да станеш. А она што ти мириса тебе на чудно, тоа на училиште мириса.
Цуцулко радосно ги плесна рацете.
– Ете, тоа е! – ликува малото прваче. – А, пак, јас не можев да се сетам на што мириса….
Да… мириса на училиште!
За авторот
Видое Подгорец, еден од најплодните македонски автори,роден е на 8 јуни 1934 година во струмичкото село Колешино. Toj e омилен лектирен писател за деца, а пишува и дела за млади и романи за возрасни. Долг е списокот на наслови и книги што во својот релативно краток живот зад себе ги оставил писателот Подгорец. Сепак се чини дека кај децата е најпопуларен со трилогијата „Белото Циганче“, која е преведена на повеќе странски јазици и според која беше снимена и ТВ-серија.
Подгорец е припадник на втората генерација македонски писатели, а објавил стотина наслови стихозбирки, раскази и романи. Во родното Колешино завршил основно училиште, а во 1950 година завршил учителска школа во Штип и со неполни 16 години почнал да работи како учител, а вонредно студирал на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Во 1956 година дипломирал на Вишата педагошка школа, а во јуни 1959 и на Филозофскиот факултет, на групата за југословенска литература. Три години потоа работел како училиштен инспектор за Штипската околија, а во 1962 г. се вработил во НИП „Нова Македонија“, во редакцијата „Детска радост“, како уредник во детските списанија „Другарче“ и „Наш свет“.
Станал член на Друштвото на писателите на Македонија во 1958 година.
Својот работен век го завршил како директор и главен уредник во НИК „Наша книга“, а починал на 14 април 1997 година во Скопје.
Во негова чест во родното Колешино и Струмица се одржува манифестацијата „Средби под јаворите“.