Според Марија Монтесори, континуираната работа почнува уште од најраната детска возраст, преку практичен ангажман и грижата за другите во околината. На тој начин детето расте и се развива во личност што е супериорна во секоја смисла, не само академски, туку емоционално и духовно
Образованието и воспитанието се темелот на едно здраво поколение. Нема кој не ја знае оваа фраза. Но за да имаме здраво поколение, дали се посветуваме темелно во изградувањето на еден здрав воспитно-образовен систем што ќе дава резултати и ќе создава здрави поколенија? Кога правиме споредба како е кај нас, а како е во „светот“ или попопуларно „на запад“, таму некаде одамна применуваат некои методи во воспитно-образовниот процес што за нас, можеби, се познати како термин или име, се споменуваат или изучуваат во педагогијата и психологијата, но се неприфатливи или далечни по применливост.
Секое дете е личност
Дали треба да се бара изговор дека со триесетина деца практично е невозможно да се воспостават ред и дисциплина, а камоли да му се обрне посебно внимание на секое дете! Да, но секое дете е личност и заслужува внимание и посветеност. Затоа постои образованието! Колку и како, на кој начин ќе му влееме љубопитност, ќе му ја поттикнеме самодовербата, ќе го мотивираме да размислува, зависи од нас возрасните, поточно од кадарот што е вклучен во воспитно-образовниот процес.
Станува збор за монтесори-метод на воспитување и образовање деца и младинци, кој на запад се практикува повеќе од сто години. По овој монтесори-метод секое дете по природа е добро и има потенцијал да стане најдобар претставник на човечкиот род. За да се поттикнат и развијат овие потенцијали кај детето, неопходно е уште од самото раѓање да се негуваат и поттикнуваат детската самостојност и индивидуалност. За тој сложен процес е неопходен, пред сѐ, висок степен на концентрација. Тоа е суштината на монтесори-методот.
Творецот на овој метод е Марија Монтесори родена во 1870 година, првата жена во Италија што запишала и завршила Медицински факултет. Покрај медицина, студирала антропологија, филозофија и психологија. Посветеноста и прекувремената работа во Центарот за деца, во болницата каде што работела, ѝ помогнале да го развие својот воспитен метод. Со основањето Куќа на детето во 1907 год. ги воспоставила темелите на монтесори-педагогијата со кои придонела да се променат многу ставови за воспитувањето на децата. Марија Монтесори била трипати номинирана за Нобеловата награда за мир.
Монтесори-методот е мудро применување на три основни елементи: подготвена средина, едуцирани возрасни личности и слобода на детето со развој на чувство на одговорност.
Човековата величественост се раѓа со неговото доаѓање на свет. Ако навистина тежнееме за светла иднина, тогаш целта на воспитанието и образованието треба да биде развој на скриени и непознати можности на детето. Луѓето сѐ уште не се подготвени да ја обликуваат својата судбина ниту пак да ги контролираат случувањата и да управуваат со нив. Затоа стануваат нивни жртви.
Љубовта што воспитувачот треба да ја манифестира преку пренесување на знаењата е најпотребна и е клучен фактор за учениците да ги стекнат планираното знаење и вештина. Во раната детска возраст, љубовта кон учениците е најважна, во подоцнежните години, пак, љубовта кон знаењето што се пренесува станува сѐ понеопходна. Многу јасно е видливо дека образованието е едно од најважните средства за развој на човештвото, но под образование сѐ уште се подразбира само образование на умот засновано врз застарени идеи, механичко учење, учење напамет, на сила и сл., без настојување да се истражуваат и да се извлечат нови и нови витални когнитивни можности.
Како изгледа една монтесори-училница
„Во училиштата не смее да се бара од децата нешто за што сѐ уште не се дораснати, нешто што не можат, ниту нешто што децата, со кои работи учителот, не сакаат.“
Монтесори-методот подразбира обликување училница по мера на детето. Внатре во просторијата има дел наменет за групни активности, но и места каде што децата самостојно го истражуваат својот материјал. Нема класични столови за седење, туку мали столчиња, табуретки, перници или теписи наменети за таа цел. Единствено правило кон кое децата мора да се придржуваат е да ги вратат на местото од каде што ги зеле сите користени материјали и алатки. Тоа кај децата поттикнува стекнување одговорност спрема предметите и работите што ги користи, а со тоа и училницата останува уредна и чиста. Сите материјали и алатки за работа се распределени на отворени полици, достапни за секое љубопитно дете и многу лесно воочливи. Приборот е поставен по принципот од полесно кон потешко, односно од конкретно кон апстрактно. Материјалите што ги користат децата за работа се претежно од природен материјал (дрво, волна, коноп, ткаенина, сено..) и се обоени со природни бои. Интересно е што за секоја активност постои само еден примерок, на тој начин децата се учат на трпение и договор – дали ќе чекаат на ред или ќе работат во парови.
Должноста на учителите, воспитувачите, е да објаснат како се употребуваат материјалот, приборот, алатката, а децата сами одлучуваат како и колку долго ќе се занимаваат со одбраната активност. Секоја активност содржи „контрола и поправање на грешките“ што поттикнува повнимателно изведување на вежбите. Исто така, секоја активност работи на развивање на една вештина, на пр. врзување врвка, закопчување/откопчување копчиња, патент и др. Материјалите и предметите се поделени во разни воспитно-образовни подрачја: материјали за практичен живот, за развој на математички вештини, за музика, за биологија, за развој на говорот и јазикот, за уметност, природа и многу други. Исто така, интересно е што во градинките децата се поделени во две возрасни групи: од 0 до 3 и од 3 до 6 години. Кај поголемите дечиња се поттикнува утврдувањето на стекнатото знаење преку помош на помалите, а помалите несвесно го впиваат знаењето од поголемите.
Во групите со децата до три години, материјалите што се на располагање, поттикнуваат движење и развој на независност. Во групите од три години па нагоре, се наоѓаат деца со различна возраст. Материјалите се многу практични, се јавуваат математички, јазични, музички вештини и децата на тој начин полека непосредно се запознаваат и со експериментите на другите науки. Во основното образование исто така децата се поделени во две возрасни групи од 6 до 9 и од 9 до 12 години. Предавањата се одржуваат во мали групи, а потоа децата избираат активности што ги интересираат и продолжуваат да ги истражуваат и изучуваат. На почетокот на годината, предавањата се темелни, исцрпни, со големо вложување од страна на наставниците и до крајот на годината на учениците им служи како подлога за учење на активностите и предметите што сами ги избрале. Овој начин на подучување, самата Марија Монтесори го нарекла „космичко образование“, бидејќи верувала дека знаењето стекнато на овој начин им помага на децата во разгледување на улогата на човекот како независна единка во вселената. Човекот учи додека е жив, но темелите се поставуваат во најраната детска возраст. Кога имаме здрави поставени темели, сѐ што се надградува, цврсто се издига нагоре. Образованието е клучен фактор за иднината на едно општество што треба да го унапредуваме и развиваме почнувајќи од денес!
Соња Панева, м-р по менаџмент на човечки ресурси и дипломиран филолог
Наука раководена од љубов
„Постои само еден пат кон напредокот во воспитанието, како и кај другите човечки активности, а тоа е науката раководена од љубовта. Без наука, љубовта е немоќна, а без љубовта, науката е деструктивна. Сето она што е постигнато за унапредување на воспитувањето на децата го направиле тие што ги сакале децата, го постигнале оние што знаеле сѐ што науката можела да ги научи“, Бертранд Расел, филозоф, научник, математичар, адвокат, пацифист и алтруист, добитник на Нобеловата награда за литература во 1950 година.