Во Центарот за култура во Кичево
Во ликовниот салон на Центарот за култура во Кичево, 47 деца на возраст од четири до 17 години претставија исто толку свои дела изработени во техниката акрил на платно. Сите добија и сертификат за завршување на курсот на различно ниво и уверение за учество во изложбата „Боите нѐ соединуваат“.
– Децата, вечерва, во уметничкиот салон на Центарот за култура во нашиот град ги претставија своите дела изработени во изминатите девет месеци кога посетуваа курс за сликарство, за што добија и соодветен сертификат. Курсот во целост се одвиваше во моето студио „Лулу-арт“ – истакна уметницата Лулзиме Османи.
Таа дополни дека како што и нејзиното ателје е полно со бои, таа се надева дека и животот на овие прекрасни деца ќе биде исполнет со среќа, радост и оптимизам.
Интересот за посетување на овој курс кај младите е во пораст, а на завршната изложба покрај децата беа присутни и нивните родители, кои со љубопитство ја проследија оваа изложба. З.А.