И јас, како автор, честопати се чувствувам како едно големо дете. Верувам дека тоа дете е во сите нас. Не треба да се биде многу сериозен, треба да се биде и палавко. Потребна ни е нотка на хумор или нешто необично, дури и нешто магично во животот, вели Јаневски
Стрипот „Палавковците Влатко и Емче“ на авторот Владо Јаневски две години редовно се објавува на страниците на „Колибри“
Цели две години серијалот „Палавковците Влатко и Емче“, во вид на стрип-епизоди, редовно се објавува во „Колибри“. Серијалот е инспириран од истоимената илустрирана книга за деца на Владо Јаневски, автор на текстот и на илустрациите. Тоа беше повод да поразговараме со овој креативец со немирен дух, кој освен пишувањето и сликањето, многу ги сака и патувањата. Главните ликови во стрипот, Влатко и Емче, според Јаневски, се олицетворение на децата што нè опкружуваат и постојано инспирираат.
Се сеќавате ли кога точно „Палавковците Влатко и Емче“ се појавија во „Колибри“?
– На 16 мај се наполнија две години од нивното прво појавување и редовно објавување во прилогот „Колибри“ на дневниот весник „Нова Македонија“. Секој вторник се објавуваат по две стрип-епизоди. Во последните 100 броја од „Колибри“ се објавени околу 200 епизоди. Во секоја стрип-епизода, Влатко и Емче, заедно со другите ликови во стрипот, се прикажани во најразлични згоди и незгоди од нивниот секојдневен живот.
Како се роди идејата за создавање на овој стрип?
– За идејата се „виновни“ самите Влатко и Емче. Отпрвин запишував кратки случки што ми се чинеа интересни. Од нив оживеаја ликовите. Не требаше да ги измислувам, тие како да се создадоа самите и почнаа да си го живеат својот живот. Така се роди идејата за овој стрип.
Каде ја наоѓате инспирација?
– Инспирацијата доаѓа од секојдневниот живот. Влатко и Емче се олицетворение на децата што нè опкружуваат и постојано инспирираат. И јас, како автор, честопати се чувствувам како едно големо дете. Верувам дека тоа дете е во сите нас, инаку животот би бил здодевен. Не треба да се биде многу сериозен, треба да се биде и палавко. Потребна ни е нотка на хумор или нешто необично, дури и нешто магично.
Колку хуморот е важен во животот на децата, па и на возрасните?
– Една од важните работи во развојот на секое дете, а која често сe заборава, е токму хуморот. Cмислата за хумор е добар показател за степенот на развиеност на когнитивните способности, особено на имагинацијата и користењето на јазикот. За да се постигне тоа, на децата им е потребна социјализација – општење и споделување искуства со други деца и возрасни, преку што учат и почнуваат да ги препознаваат логичките грешки и апсурдности.
Дали прво го пишувате текстот или цртате?
– Најважен ми е текстот. Дури откако ќе ми се допадне текстот почнувам да го цртам стрипот. Порано го цртав на хартија. Подоцна, бидејќи често патувам, почнав комплетно да го цртам во дигитална верзија. Цртам и пишувам со електронски молив, директно на мојот ајпед и користам фонт што самиот го направив специјално за стрипот.
Какoв е одекот на книгата и стрипот?
– Стрипот си има свој живот на страниците на „Колибри“, каде што редовно се објавува, и си има свои љубители. Книгата се објави во 2023 година, во издание на „Стрип-квадрат“ од Скопје. Тогаш имаше промоција и си ја најде својата читателска публика. Примероци од книгата се продаваат во поголемите книжарници во Македонија. Достапна е и во библиотеките. Сум имал можност да зборувам со дел од младата читателска публика и, врз основа на она што ми го пренеле, заклучувам дека мојот стрип и книга им се допаднале.
Детските мали-големи мисли се многу искрени и мудри. Дали, според вас, може многу да се научи од децата?
– Секако. Најинтересни ми се децата палавковци кога поставуваат прашања како што само тие умеат. Некои од нив се вистински бисери. Впрочем, тоа се гледа и во самиот стрип, во кој честопати има такви прашања – тие можат да те замислат и да ти помогнат да научиш нешто од нив или, ако ништо друго, да ја видиш и поведрата страна на животот.
Ќе пораснат ли палавковците Влатко и Емче?
– Како што реков, на некој начин, тие самите се создадоа и би се очекувало да имаат одговор на тоа прашање. Најдобриот одговор веројатно би го имала Емче. Што е до Влатко, тој ниту размислува за такви работи. Во секој случај, растењето зависи само од нив, барем така е во повеќето стрипови. Таму ликовите како да не стареат.
Дали е на повидок нова книга за деца?
– Уживам во пишувањето, особено кога пишувам за деца. Имам неколку ракописи готови за објавување. Подготвена за објавување е и најновата, втора, книга со „Палавковците Влатко и Емче“. Ова нека биде како покана за соработка со издавачките куќи што би биле заинтересирани за објавување на најновите авантури на палавковците.
За авторот
Владо Јаневски е роден во Прострање, Македонија. Детството го поминал во Битола, каде што завршил основно и средно образование. Високо образование стекнал на УКИМ во Скопје. Член е на ДПМ. Живее во Сиднеј и често патува. Престојувал во седумдесетина земји. Автор е на романите за возрасни: „Кој го уби Едгар Алан По“ („Или-или“, Скопје, 2024 – финалист за наградата „Стале Попов“ и во потесен избор за роман на годината), „Смртта не е крај“ („Арс ламина“, Скопје, 2022), „Мртвите знаат најдобро“ („Арс ламина“, Скопје, 2020 – награда Пегаз за најдобар роман во 2020 г.), „Чудо зад аголот“ („Магор“, Скопје, 2020), „Под друга капа“ („Магор“, Скопје, 2019), „Made in Jabana“ („Слово“, Скопје, 2004); поетската збирка: „На грбот на неповратот“ (Агенција за иселеништво, Скопје, 2024 – награда „Стојан Христов“ и во потесен избор за наградата „Ацо Шопов“); збирката наградувани раскази: „Нема враќање“ („Студентски збор“, Скопје, 1985): филмско сценарио „Под друга капа“ (награда за најдобро сценарио за долгометражен игран филм на меѓународниот фестивал на филмски сценарија „Скрипт фест“ во 2021 г.). Автор е на книгите за деца: „Палавковците Влатко и Емче“ („Стрип-квадрат“, Скопје, 2023), „Луѓето и змејовите“ („Арс ламина“, Скопје, 2023 – наградена бајка) и на стрипот „Палавковците Влатко и Емче“, редовно објавуван во „Колибри“. Се појавува и како коавтор во книгите за деца: „Нови бајки од Македонија“ („Арс ламина“, Скопје, 2024), „Детелинки Белинки“ („Арс ламина“, Скопје, 2022) и други. Со проза и поезија е застапен во повеќе антологии и списанија за култура. Се занимава и со сликарство – учествувал на ликовни колонии во Македонија. Неговите слики се дел од приватни колекции во повеќе земји во светот. Добитник е и на наградата „Македонски корени“ за постигнувања во литературното и ликовното творештво, доделена на меѓународниот фестивал „Книжевен круг“ во 2024 година во Скопје.