Уметноста и спортот често и не одат заедно, меѓутоа џудото е боречка уметност и поврзаноста за мене е истрајноста во одредена ситуација, за да се постигне целта, вели Ангел
На еден од настаните на манифестацијата „Зборови, цртежи, песна“, кој се одржа во селото Љубојно, редакцијата на „Колибри“ имаше среќа да го запознае петнаесетгодишниот Ангел Радевски, полуматурант од Ресен. Тој тукушто заврши деветто одделение во ОУ „Гоце Делчев“ во Ресен, и тоа не како било туку како првенец на генерацијата.
– Ова признание за мене значи дека трудот и посветеноста на училишните обврски дале плод. Зад сето ова исто така стои безрезервната поддршка од семејството, како и поттикот на наставниците од моето училиште, уште од првиот училиштен ден, за што бескрајно сум им благодарен – ни рече Ангел.
Иако на манифестацијата како вистински поет, Ангел ја фасцинира публиката со извонредно убавата лична поетска творба, инспирирана од творештвото на Блаже Конески, тој ни откри дека поседува и еден друг талент. Освен што е одличен ученик и надарен млад поет, тој е и храбар џудист.
– Уметноста и спортот често и не одат заедно, меѓутоа џудото е боречка уметност и поврзаноста за мене е истрајноста во одредена ситуација, за да се постигне целта – вели Ангел.
Тој тренира во џудо-клубот „Преспа“ во Ресен, а негови тренери се Александар Фузевски и Борче Недановски. Тој е добитник на повеќе државни и меѓународни награди, односно медали, но најмногу му значи годинешниот златен медал на државното првенство за кадети.
Своето образование Ангел ќе го продолжи во гимназијата СОУ „Цар Самоил“ во Ресен, во природно-математичкото подрачје, а летово Ангел ќе го користи на креативен начин. Има план да чита, да спортува, но и да другарува со врсниците.
Сигурни сме дека неговото чисто младо срце и мудра глава ќе изнедрат и некои нови стихови. Тој ни кажа дека мотивите за пишување секогаш му се различни, некогаш го инспирира природата, некогаш неговите чувства или песните на нашите познати македонски поети. На крајот на нашиот разговор ја слушнавме неговата песна „Сон“, инспирирана од творештвото на великанот Конески, која ќе ја прочитате во продолжение.
Сон
Јас сонувам ноќва
тага што се буди,
во насолзени очи,
несреќни,туѓи.
Јас сонувам старец, кој тешко оро игра,
кроце, по кроце, тој невидлив товар носи,
надвисната глава, со маглива мисла.
Но светнува блесок,
мракот тој го трга,
да донесе радост, да донесе младост,
а тапанот ечи и душа ми лечи.
Па старецот,
момче ми се присторува сега,
со пламен во очи и игрива снага,
па, орото тешко, полетно стана.
Зурлите пиштат, земјата се врти,
за тешкото оро полетно да биде,
за очите тажни од среќа да бликнат,
наведнати глави гордо да се дигнат,
времињата мрачни во заборав да минат.
Јас сонувам ноќва,
среќа што се буди,
во насолзени очи,
среќни, а туѓи.
Автор: Ангел Радевски