На 20 март се одбележи Меѓународниот ден на театарот за деца, па по тој повод го објавуваме текстот на писателот Трајче Кацаров за важноста на театарот за оформувањето на детето како здрава личност, подготвена да го открива светот. Инаку, Кацаров е автор на повеќе драмски текстови за возрасни, поставени во театрите во земјава и во регионот, а исто така е уметнички директор на театарскиот фестивал за деца „Малиот принц“ што се одржува во Штип, во организација на Домот на културата

Во својата стратегија, или ако сакате тактика за опстојување во животната средина, театарот секогаш поаѓал и ќе поаѓа од гледачите.
Почитувајќи ја таквата одредница, театарот секогаш му се обраќа на детето како на исклучително важен елемент во создавањето потенцијална театарска публика. Му се обраќа на детето како на исклучително важна странка во создавањето заедница без која театарската уметност не би имала смисла.
Како што би рекле теоретичарите – не може театарот да ни биде втор дом ако истиот тој не е место каде што ќе се случуваат нашите животи и каде што ќе се чуваат спомените на нив.
Театарот не може да ни биде втор дом ако бидеме спречени во изборот на бојата на ѕидовите, големината и формата на вратите и прозорците, како и на дизајнот и распоредот на мебелот.
Ако еднаш го удомиме детето во театарот, во вториот дом, сме го удомиле засекогаш. Еднаш кога ќе го доживее тој свет, детето никогаш повеќе нема да се откаже од можноста да биде жител на заедницата што ќе е лулка на големата илузија – светот да биде онаков каков што ќе посакаме.
Детето е еквивалент на театарот и обратно. Тоа равенство не е илузија. Не е измислица на некој театарски теоретичар. Тоа е референца извлечена од театарскиот чин, од неговата уметност.
Нема театар без детето во него како што нема дете без да посака неговиот свет да биде театар.
Кога детето ќе го направи првиот обид да се преоблече за да биде некој друг, да поддржува туѓ говор, движења, расположби, тогаш започнува театарот.
Театарот за деца му овозможува на детето да го организира креативниот потенцијал во себе до степен на активно учество во градењето на финалниот сценски израз.
Ова не се само теоретски претпоставки. Театарот како организирана акција директно влијае врз креативниот потенцијал, едукацијата и стекнувањето вештини во комуникацијата, како и воспоставување повисоки животни стандарди.

Од воспитно-образовен аспект, детето преку театарот се среќава со вредности што можат да се оквалификуваат како наука во морална, естетска и комуникациска смисла.
На пример, многу е лесно да се разбере, т.е. да се сфати, дека театарската уметност најбрзо може да влијае врз:
– Самодовербата на детето. Детето се стекнува со неа само ако се создадат услови неговото присуство во театарот да се сфати како организирано дејствување.
– Почитта кон другиот. Тоа значи почит кон другите дела, вредности и значења.
– Комуникациска вештина. Во театарот детето се стекнува со вештина што му помага во воспоставување брза и ефикасна комуникација со другиот.
– Одговорноста. Децата се сообразуваат со одговорноста кон начинот на работа и изговорената реч, зашто во театарот може лесно да се констатира неуспех и тоа поради недостиг од одговорност кон работата.
– Посветеноста кон одредена културна практика. Тоа им овозможува на децата да не го сфаќаат театарот како трик на идеолошкиот апарат за ставање во инфериорна положба.


Глумица од Струмица

Си ги црташе веѓите
На обравчињата ставаше пудра,
Одделенката Ѕуница
Што нагалено ја викавме
„Глумица од Струмица“

На часовите глумеше дека е болна
На одморите од оценките
Дека не е задоволна!

На школските приредби
Ѕуница во публиката си седеше
За неа, на часовите по математика
Колку е глумица да се види вредеше

Но, излезе дека и за глумица не ја бива,
Кога разбра дека Боро,
Што го викавме „Црна слива“
За симпатија ја избрал Ива,
Што нагалено ја викавме „Статива“

Во одделението наше
Имаше една Ѕуница што ја викавме
„Глумица од Струмица“
А во Струмица, никогаш не била…

Трајче Кацаров, писател