Драги деца, во „Колибри“ објавуваме делови од книгата „Бонтон за деца“ на познатиот македонски писател Наум Попески, кој исто така неколку години бил и уредник на нашето гласило за најмладите читатели. Бидејќи убавото воспитување се учи од мали нозе, се надеваме дека со овие едукативни текстови ќе ви помогнеме да израснете во умни и внимателни момчиња и девојчиња
„Бонтон за деца“ од Наум Попески (10)
Ама, да се возиме безбедно и убаво.
Има родители што му угодуваат на своето дете и тогаш кога не треба. На пример, кога возат автомобил, го седнуваат на десната страна од нив (како совозач?!). Ај што е тоа далеку од културата, туку таквото „возење“ е и опасно.
Детето треба да е секогаш на задното седиште. Во автомобилот се седи мирно и културно. Уживајте во возењето и во,,сликите“ што ги гледате додека патувате низ убавите предели. Но немојте на некој од родителите што ве возат да му пречите со постојано извикување:
– Еј, тато, а види она онаму?!
Возачот е зад воланот и тој има одговорност да вози внимателно, а вие возете се и уживајте.
Па, среќен пат!