Од творештвото на писателот за деца и млади Киро Донев

„Од дневникот на Васко Пикаско и Зорка Сештозборка“ е прозна книга, напишана во форма на дневник, во кој централните личности се Зорка и Васко – брат и сестра. И во ова дело Киро Донев е доследен на својот препознатлив стилско-лексички исказ, духовит и со динамичен ритам и рима во прозата, со што го потврдува своето реноме на искусен и добар мајстор на литературата за деца

Илустрација: Александар Сотировски

Бргу, многу бргу си замина и ова лето… А цело време си мислев: „Супер ќе биде во трето“!
„Супер е“, ама и не е баш така… Кој може слободно да „ака“ со полн ранец на грб или в рака?! Учебници, тетратки – еден цел куп! Сал да прелисташ, ќе се престориш во „труп“!
Ах, тој ранец колку тежи – кожата ми се ежи!
Ме гледа баба и подбивно вели:
– Ми личиш на „амалче“, а не е тежок, нели?
– Според тебе – велам – може така да е… Но тој што го носи – самиот си знае!
– Еее, – ми вели – синко, не си во второ. Сега си се фатил на потешко „оро“! Ама ако, нека… Да си немаш гајле… Ќе ти помогне Зорка и таа е од сабајле…
Сестра ми ја слушна и скокна како оса:
– Јас ли, мори бабо, ранец да му носам?! Ти нели знаеш – во училиште одам сама? – Освен тоа – реков – нели јас сум „дама“?
– Па што ако си?
– Ми можеш ли нешто?
– Доста! – рече баба. – Зборувате сешто… Кога сте разделени – еден со друг се барате. А кога сте заедно – за ништо се карате…
– Сега баба мене како да ме „пофали“, но што вреди кога „оганот“ ни го потпали! Мајстор е да направи од ништо – нешто. И тоа сосем случајно, ама супер вешто…
Знае да биде ни „топка“ ни „коцка“. Колку јас се лутам – толку таа ме боцка:
– Зар толку ти тежи? Ти нели си „маж“? Со овој ранец имаш двегодишен стаж!
Тоа го рече и сестра ми ја гушна. Ама од кујната – дедо ми ја слушнал!
– Што е бабо?! – викна – може ли да знам?
– Еве ти го внукот, па прашај го сам… нешто само муца, се лути, се ежи… Ранецот, ми вели, премногу му тежи. А ист е од лани, но со нови „мани“…
– А, па… рече дедо. – Да размислиш здраво, внучево, бабичке – сосема има право! Толку многу книги – се во еден ранец. Ученик е тој или – падобранец?! Со здравиот разум зар тоа не се „коси“? – толку голем товар детето да носи!
Замолче баба ми. И дедо ми исто…
Ама јас со ранецов пак не сум на „чисто“!

(Од книгата „Од дневникот на Васко Пикаско и Зорка Сештозборка“ на Киро Донев)

Илустрација: Александар Сотировски