OД БЕЛЕЖНИКОТ НА ПИСАТЕЛКАТА: СОЊА ГАВРИЛОВА

Денес ви ја претставуваме авторката Соња Гаврилова од Велес. Гаврилова дипломирала на Филозофскиот факултет во Скопје на групата психологија, а од 1986 година до денес работи во посебното основно училиште со ученички дом „Маца Овчарова“ во Велес.
Првата нејзина книга „Детските солзи кога течат“ е објавена во 2011 година, а истата таа во 2012 е отпечатена на англиски јазик. Потоа во 2016 година ја објавува поетската збирка „Надеж“, која е наградена со специјална награда за поезија за деца од здружението за наука и култура „Нова“ од Битола.
Учествува како уредничка и иницијаторка во издавањето на првиот зборник на поезија „Велешки поетски пулсирања“ на клубот „Коста Солев Рацин“ од Велес, објавен во 2014 г. Уредничка и рецензентка е на стихозбирката „Волшебниот свет на детството“ на поетесата Славјанка Љуткова (2015). Учествува како одговорна уредничка на вториот, третиот, четвртиот, петтиот и шестиот зборник на поезија „Велешки поетски пулсирања 2015, 2016, 2017, 2018 и 2019“.

Рецензентка е на романот „Детето со променет идентитет“ на писателката Родна Јанчева (2016), на стихозбирките „Молитва за молитвеникот“ на поетесата Славјанка Љуткова (2016) и на стихозбирките „Моите очила“ на поетесата Марија Џоџа Симон (2019) и „Инсомнија“ на Вера Благојевиќ (Вера М. Самарјанин 2019).
Со свои песни е застапена во книгите: Алманахот на ХЕРА посветен на 28 септември – Глобален ден за акција за пристап до безбеден и легален абортус (2015 год.); „Песни за учителот“ на Здружението на просветни работници -литературни творци во Република Македонија (2016 год.); „Рацин – два брега и две стрмнини“ на Васил Тоциновски; списанието „Велес“ (2017, 2018, 2019); „Метрички карван Гевгелија – Велес“ (2016); во панорамската антологија на македонски современи поетеси „Ова е моето последно молчење“ на уредничките Елена Пренџова и Оливера Доцевска (2016); во едицијата „На сите теми“ (2017) на Вера Самарјанин, во книгата „Отворени порти“ (хронологија на животот и делото со библиографија на Васил Тоциновски, 2018), „Заветни поуки“ (книжевни критики и есеи, 2019) на Васил Тоциновски и во Збирката на поетски творби на првиот, вториот и третиот фестивал на поезија за деца „Стихувалки 2018, 2019 и 2020“ во издание на „Едука мак“, Скопје.

Добитничка е на благодарници за учество на два меѓународни конкурси за видеопоезија во организација на МаБиХ-Македонија, 2020.
Добитничка е на „Деветтоноемвриска пофалница“ на Општина Велес во 2004 година.
Членка е на клубот на писателите од Велес – „Коста Солев Рацин“ и на „Поетри слам Македонија“. Учествува на литературни читања во Рациновите поетски карвани. Пишува и поезија и проза. 


НЕ ПРАШУВАЈ

Не прашувај зошто,
тие до нас, се поразлични,
едноставно,
вистината, не може да се крие,
се чита од нивниот поглед
на илјада зраци,
во една светлина
што сјае без престан,
осветлува темнини,
облагородува, изгубени човечки души,
го простува нивното незнаење,
без да очекуваат, каење!
Не прашувај зошто,
тие го сакаат животот таков,
каков што судбината им го дарила,
секојдневна радост за виделина,
за игра и дружба, им подарила.
Не прашувај зошто,
кога сме до нив, топлина нѐ обзема,
мразови и човечки студенила стопува,
на корисни дела, пат, раскопува!
Не прашувај зошто,
покрај нив, спокој и мир царува
човек до човека е ист,
кога љубовта искрена,
без да се побарува,
несебично и безрезервно,
заемно, се дарува.

ЗА АНГЕЛИТЕ СО СКРШЕНИ КРИЛЈА

Некој некаде, ги нарекол
Ангели со скршени крилја,
децата со посебни потреби,
но во душата се зарекол:
И овие ангели ќе летаат,
и до сечија душа ќе допрат и слетаат,
само ако сме до нив постојано,
ако можат да се потпрат
со раката на својот воспитувач,
ако можат да напишат
збор и бројка со помош
на својот наставник,
ако можат да научат говор
со помош на својот логопед,
ако можат да се радуваат
на игрите и дружењето со врсниците
преку безброј детски насмевки
и позитивни емоции,
ако сите заедно им помагаме
да чекорат низ темната
и светлата страна на животот!
Хумана и благородна
професионална мисија,
која не е ниту едноставна, ниту лесна,
но кога секојдневието започнува
со невиниот детски поглед
и нивната искрена душа,
едноставно, срцето затреперува
и само една мисла слуша:
„Ќе направам сѐ што можам и умеам,
за среќата на овие деца,
во име на нивната безгранична доверба,
љубов и приврзаност кон секоја подадена
пријателска рака“.