Последниот ден од годинашното јубилејно 40-то издание на „Малиот битолски Монмартр“, на 27 мај, помина во цртање на малите ликовни уметници од Битола во екопаркот. Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, ги посети учесниците на завршниот настан, а заедно со организаторката на фестивалот, Елена Хаџи Антоновска, доделија благодарници до менторите на учениците од битолските градинки и училишта, како и мали подароци за учесниците.
Во знак на благодарност, дел од младите ликовни творци ѝ подарија свои дела, создадени во екопаркот, на градоначалничката Наташа Петровска.
– Оваа година се одбележуваат 40 години на „Малиот битолски Монмартр“, кој е голем по многу нешта и значаен за нас битолчани, но, за жал, годинава без чичко Коста.
Ова што се случуваше во изминатите денови, од отворањето, изложбите, цртањето, само покажува дека боите, страстите, желбите и енергијата кај луѓето никогаш не можат да умрат. Нашиот град годинава, покрај тоа што даде целосна поддршка на 40-то издание, останува отворен во следните години за сите понатамошни идеи што ги имаат граѓаните за зачувување на овој наш бренд и оваа манифестација, која заедно сметаме дека е соодветна, бидејќи Битола е препознатлива по „Малиот битолски монмартр“ – истакна Петровска.
Годинава првпат е востановена нова награда во чест на идејниот творец и основач на детското ликовно студио „Кирил и Методиј“, Коста Хаџи Антоновски, која годинава отпатува во Португалија. кај Тео Паскоал од школата „Теоартис“ – Евора.
За жал, годинава, поради пандемијата, не допатуваа деца од целиот свет да учествуваат на манифестацијата. М.М.