За да се зачува и негува традицијата, КУД „Бисер“ од Кичево покрена акција за одржување јавни показни часови по фолклор во сите основни училишта во градот и во селото Другово. Покрај оние ученици кои директно ќе бидат вклучени во овие јавни часови по фолклор, на истите можат да присуствуваат и сите нивни врсници и соученици кои и на овој начин се воведуваат во тајните на македонскиот фолклор и македонската народна песна.
– Во тајните на македонскиот фолклор основците ги воведува кореографот на друштвото, Цане Ѓорѓијоски, додека од областа на македонската музика професорот Горан Делески. Најдобра потврда за интересот на учениците за овие јавни часови по фолклор зборува и одѕивот од околу 200 ученици, што ги имавме во ОУ „Д-р Владимир Полежиноски“. Меѓу оние ученици кои беа учесници на овие јавни часови откривме и многу талентирани деца, кои иако за првпат се вклучени во народниот фолклор, со голема љубов и прецизност ги одиграа македонските ора и пееја народни песни. Наша цел е основците од нашиот град најпрво да ги совладаат тајните на ората кои потекнуваат од нашиот крај, а потоа ората и песните и од истокот на земјава – вели Младен Ванчоски, претседател на КУД „Бисер“.
Тој дополни дека учениците на овие јавни часови ги изучуваат ората „Свекрвино“, „Малесора“, „Четворка“, „Крстачка“, народната песна „Ангелино моме“ и многу други.