Во рамките на проектот „Градиме мостови за заедништво“, деновиве на Попова Шапка, Детската амбасада за сите деца во светот организира зимски камп. Тоа беше убава можност за дружба на околу 80 деца од: Прилеп, Скопје, Крушево и од Тетово.
Како што вели наставничката Бисера Вишиноска од ОУ „Рампо Левката“ од Прилеп, учениците биле задоволни од програмата и од заедничките активности.
Децата имале шестдневно скијање со инструктори, а секоја вечер имало најразлични програми, односно натпревари – пливање во базен, играње пинг-понг, влечење јаже, организирање маскенбал, а играле и брза географија и карти.
Сѐ на сѐ тоа било едно убаво дружење, кое било заокружено со дипломи за освоените места, бидејќи сите активности имале натпреварувачки карактер.