Денеска ви претставуваме извадок од краткиот роман за деца „Не паркирај гаража“ на писателот Трајче Кацаров, добитник на наградата на Друштвото на писателите на Македонија – „Ванчо Николески“ за 2018 година
Се лутам!
Се лутам!
Просто се рашивам по сите шевови од лутина!
Се обидов лутината да ја истурам врз Пиперката Перо, ама ништо од тоа.
Мојата намера за него излезе голема шега. Штом ја насети почна да се валка по подот, смеејќи се. Смеењето ептен ми ја зголеми лутината. Бев готов да го смачкам како што би смачкал болва.
Ги стегнав крилцата во „тупаници“ и со клунот почнав да го клукам насекаде по чушкоглавата. И наместо да лелека, глупчото почна да се задушува од смеење.
Станав луто-најлутото чушкопиле на планетата Феферона. Сакав да му покажам колку сум силно кога сум луто, ама тој и понатаму се кикотеше и ми се „јазеше“ по нервите.
Додека глупчото се валкаше како чушкомагаре по подот, поточно додека го клукав со клунчето и го удирав насекаде по главата и телото, во собата влезе неговата мајка Чушкарката Маја.
Грубо ме грабна и ме пикна во кафезот. Потоа го крена глупавиот син од подот и смеејќи се и не гледајќи во мене, ја напуштија собата.
– Еј, – им викав, – затворете ја вратичката може чушкомачорот Коте да ми се вовлече во кафезов!
Излегоа смеејќи се, без да се свртат и без сериозно да го сфатат моето предупредување.
Не помина многу време, ете ти го чушкомачорот Коте. Се шмугна во собата. На муцката му се оцртуваше грозна насмевка. Тргна кон кафезот како некој да го беше известил дека вратичето од кафезот не е заклучено.
Направив лута фаца, колку да му кажам дека скапо ќе го чини секое доближување до кафезот, ама тој одеше со спокоен чекор и со крената глава како кон однапред испланиран и платен ручек.
Понекогаш времето лета побргу и од најбрзата чушкоптица на планетата Феферона. Ми остануваше сѐ помалку и помалку време да најдам начин како да се спасам од лакомиот чушкомачор Коте.
Пред очите ми помина сиот мој живот. Срцето ми зачука толку силно, што мислев дека секој миг може да ми искокне од градите, а потоа и од кафезот, па и од собата, на крајот и од куќата на Чушкарката Маја и нејзиниот син Пиперката Перо.
Сакав да викнам, да запеам тажна, сосем тажна песна. Сакав со песната да го разжалам чушкомачорот.
Барав начин како да му ја променам намерата, да не ме лапне.
Го отворав клунчето, ама од него не излегуваше ништо. Како да имав затка во грлото.
Коте беше сѐ поблиску до кафезот.
Одлучив, ако тој не може да ја види мојата лутина и да се стресе од неа, тогаш јас да му го покажам тоа некако.
Веќе беше на шепа-две пред вратичката на кафезот.
Од страв почнаа да ми се тресат и клунчето и нозете. Бев готов да се испружам мртов пред глупавиот лакомник да ме лапне.
Коте ја залепи муцката на кафезот. Ги ококори очите. Кога ја отвори устата му ги видов забите – остри жилети.
Од сите страни на устата му течеа лиги.
Дотогаш во животот немав видено ништо погрозно.
Колку што јас се напнував да покажам колку сум луто и опасно пиле, толку тој се смееше и ги покажуваше острите заби и острите канџи.
Наеднаш ми текна, си го видов спасот.
– Коте, може ли нешто да ти шепнам на увцето пред да ме лапнеш? – му реков.
– Може бре пиле, како не можело – рече чушкомачорот, лакомникот Коте и го подаде увото.
Летајќи со клунчето небаре стрела, му се пикнав во увото. Коте ревна од болка. Тргнав по ушното каналче. Бргу му влегов во главата. Поради тоа што на чушкомачките главата им е празна, најдов доволно место да се чувствувам комотно.
Коте почна да се превиткува, да се валка по подот. Да се удира де со едната, де со другата шепа по ушите. Мјаукаше ем тажно, ем страшно.
Од болка и од бес истрча од собата. Трчаше по улицата како обезглавен. Сето тоа можев да го видам низ неговите очи зашто се сместив токму зад нив.
За прв пат во животот го посматрав чушкосветот низ очите на чушкомачор. Воопшто не беше таков како што го гледав со моите очи.
Коте трчаше и мјаукаше, а чушкоглавите и чушкоживотните штом ќе го забележеа, застануваа и се чудеа, зашто никогаш порано не виделе толку разбеснет чушкомачор.
Мислев дека поминав доста време во неговата глава, кога Коте дојде до големата река и сакаше да се фрли во неа зашто тоа што му бев во главата, го тераше да се одлучи на најлошото, да прекрати со животот.
Е, тогаш проработи моето добро срце. Решив да излетам од главата на кутриот Коте, на начин како што влегов.
И, еве ме, овде на местото наречено Лутеница. Слушнав дека Туфе Џинката ќе прави фестивал во чест на чушкозмејот Огненко. Јас сум ем луто пиле, ем ме викаат Пеј-Пеј, што значи ги исполнувам условите за учество на фестивалот.
Сакам пеејќи да го дочекам чушкозмејот Огненко. Велат дека многу се лути кога ќе слушне како некој пее. Од лутината исфрла оган со кој може сѐ околу себе да пеплоса.
Според планот на Туфе Џинката, Огненко треба да биде заробен, а ослободен откако ќе го научи Џинката да исфрла оган од лутина.
Ете, тоа ми е потребно – школо!
Ќе стојам настрана и ќе гледам како Џинката учи да исфрла оган. Така и јас ќе научам.
Додека Пеј-Пеј се занесуваше во својот план на местото наречено Лутеница, се појави чушкомачорот Коте. Се движеше, де лево – де десно, како да му беа скастрени мустаците. Главата ја маваше како клатно на ѕиден часовник. Згора на сѐ и жално мјаукаше:
– Мјаууу! Ќе ми каже ли некој каде можам да го најдам Пеј-Пеј? Не можам да живеам ако тоа прекрасно пиле не ми е во главата? Мјауу!
Но штом Пеј-Пеј, го виде и го слушна чушкомачорот, реши да си ја здувне и да биде што подалеку од местото наречено Лутеница, додека лудиот чушкомачор не се вразуми, односно додека не дојде чушкозмејот Огненко, и не почне со фрлањето оган врз сѐ околу себе.
– Еј, Коте, само што разбрав дека Пеј-Пеј доаѓа наваму. Седни раскомоти се, наскоро повторно ќе биде во твојата глава! – му го рече тоа Пеј-Пеј, со изменет глас.
– Ти благодарам, добра самовило – ѝ се заблагодари веќе целосно мрднатиот чушкомачор Коте, на „самовилата“.
Пеј-Пеј смеејќи се одлета од местото наречено Лутеница.
Туфе Џинката остана и натаму само нем набљудувач на настаните иако имаше огромна желба да интервенира, да го ангажира Пеј-Пеј на фестивалот како лут и надарен пејач.
Пеј-Пеј одлета во мракот, ама и чушкомачорот Коте спиејќи тргна по мрачните патишта на сонот, така што местото наречено Лутеница остана празно. Но не за долго. Веднаш по нив, пред очите на Туфе Џинката, се појави чушкоежот наречен Тапан.