Никогаш не треба да ја изгубиме детската возбуда во себе, желбата за истражување, за пронаоѓање на среќата и во навидум малите, ситни нешта, вели Денковска
Средбата со трудот „Чудесното и реалистичното во прозата на Глигор Поповски“ е вистинска среќа и радост за читателот. Книгата ја издаде издавачката куќа „Муза“ од Скопје, со поддршка на Министерството за култура, а нејзин автор е проф. д-р Јованка Денкова.
Во неа се толкуваат чудесните и реалистичните елементи во четири дела од творештвото на Поповски: „Сказна за Вилен“, „Сказни за Возовија“, „Бојан“ и „Заборавениот колосек“.
– Во македонските состојби вистинска реткост се дела посветени за автори и дела од книжевноста за деца и млади. Како по некое непишано правило критиката отсекогаш ја запоставувала, бегала едноставно што подалеку од неа и едноставно критичарското проследување за неа недостига. Литературата постојано извира и го одразува животот, но таа отсекогаш била и останува нешто повеќе од самиот живот.
Така, ни малку случајно, во првиот дел за „Чудесното во прозата на Глигор Поповски“ системно се елаборирани чудесните/сказновидни елементи во неговото творештво. Тоа се делата „Сказна за детето Вилен“ и „Сказни за Возовија“, како знакови на авторска идентификација, кои прераснале во препознавање и идентификација на современата македонска литература – истакнува проф. д-р Васил Тоциновски за оваа книга.
Писателот Горјан Петревски, како еден од рецензентите, за оваа научна книга посветена токму на неговиот некогашен соработник и пријател, ќе рече:
„Ја имав честа да бидам еден од рецензентите со уверување дека ќе има добар одглас во севкупните заложби во враќањето и одржувањето на достоинството и угледот на македонската литература за деца и млади. И тоа во (не)време кога литературата за деца и млади кај нас, (не само сега, туку од поодамна!) е во алармантна состојба од една, но и (не)праведно запоставена од друга страна. Ќе наведам и автентичен податок од познанството со Глигор Поповски, и дека, сосема случајно од изборот на Јованка Денкова, токму овие наслова во овој аналитички избор, интимно, во разговорите и самиот си ги посочуваше, а сказната беше негов омилен жанр, кој го негуваше со посебна авторска љубов.“
Преку испреплетувањето на сказновидното и реалистичното, можното и неможното, авторката навлегува во лавиринтите на детскиот свет, на кој и ние како возрасни со задоволство му се навраќаме. Толкувајќи го светот на детето преку призмата на фантастиката/чудесното/реалистичното, авторката ни покажува дека во тој свет сè може да се случи, сè е возможно, можат да се пронајдат и богатства, но притоа не се занемарува и дидактичката поента дека не е доволно само да се посакува нешто, туку за истото тоа треба и да се потрудиме, зашто единствени вредни се само оние нешта за чие добивање сме вложиле труд. Теоретски анализирајќи го начинот на кој авторот Глигор Поповски им ја предочува оваа порака на младите читатели, авторката Денкова укажува дека никогаш не треба да ја изгубиме детската возбуда во себе, желбата за истражување, за пронаоѓање на среќата и во навидум малите, ситни нешта. Книгата може да биде извонредно корисна за сите читатели, млади и возрасни, а особено е наменета за сите ученици од основното образование, каде што овие дела се и лектирни изданија, а на нивните наставници, кои секојдневно работат со оваа материја, оваа книга може да им биде особено вреден водител во наставната работа и при толкувањето на кое било книжевно дело.
Инаку, авторката на оваа книга, д-р Јованка Денкова е редовен професорка на Катедрата за македонски јазик и книжевност при Филолошкиот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде што предава повеќе предмети меѓу кои и книжевност за деца. Таа е авторка на над 180 научни статии од областа на книжевноста, особено книжевноста за деца и млади, скрипта и практикум за студентите, електронски учебници, книги од областа на книжевноста за деца. Во подготовка се уште две научни книги и две збирки поезија.