Во денешното „Колибри“ можете да прочитате дел од творештвото на познатиот македонски писател за деца Киро Донев, посветено на празниците Бадник и Божиќ, кои ќе ги прославиме на 6 и 7 јануари. Во расказот „Човек учи додека е жив“ од книгата „Од дневникот на Васко Пикаско и Зорка Сештозборка“, тој на ведар начин ни ја доловува убавата празнична и семејна атмосфера што се чувствува во домовите за време на овие светли денови

Од творештвото на писателот за деца Киро Донев

Кој што сака нека мисли, ама баш за ништо не сум „крив“!
Дедо е во право кога вели: „Човек учи додека е жив“.
И за тоа ви велам – ич не ми е мака. А сè се случи токму вака:
На Бадник пред секој Божик, нели – лепче со паричка се дели. Во сечиј дом, па и кај нас тоа си е семејна традиција. Но, годинава јас ја „заплеткав“. Си признавам еве и без полиција…
Што ме натера тоа да го сторам?
Добро, ќе ви кажам, ако веќе морам…
Пет-шест години по ред, Бадник кога доаѓа паричката секогаш кај сестра ми се наоѓа. Да е еднаш или два-три пати, тоа некако и може да се сфати. Но, пет-шест години тоа да се случува, некој друг „господ“, значи, за тоа одлучува.
А сестра ми и баба ми се во тајна „коалиција“, па сигурно ја лажираат бадниковата традиција. Но, и „бате“ Васко, не пасе трева, па цели пет години да не крева врева!
„Доста ми беше пријателки мои!“…
Тоа си го реков и ваков план скроив:
Кога дедо почна на трпезата да се крсти, си сокрив едно денарче в дланка, меѓу прсти. А кога на сите од лепчето даде и пред некој да почне од него да јаде, во моето делче паричето го пикнав, и божем изненаден – на цел глас викнав:
– Еве гооо!
Па им го покажав паричето на дело.
– Штооо?!? – списка сестра ми и смршти чело…
– Доста ти беше – ѝ вратив – петгодишната привилегија. Среќата ја смени, сестро, својата „стратегија“!
Ќе кажев уште нешто но ме пресече дедо:
– Нека ти е со среќа, имаш право чедо!
А баба:
– Конечно и тебе, Васко, ти дојде редот!
Ме бакна мама, ми честита тато, сал сестра ми лута го истегна вратот. Ја виде баба и почна да ја теши:
– И среќата, Зорке, знае да „згреши“…
Дедо ме погледна и почна да се смешка:
– Ај јадете – рече – сè си е без грешка! Како никогаш досега не ни е богата трпезата.
Баба ми, пак, списка:
– Ми отиде протезата! Леле, леле, луѓе, од болка ќе „шизнам“! Што ли ќе е ова во лепчето што го гризнав?!
Што гризна баба, јас веднаш сфатив, па побргу од стрела – магла надвор фатив!
Баба си доби нова протеза по Бадникот. Ама и јас си добив нешто од тато – по задникот.
И сега не ми е важно кој колку е крив. Та нели човек учи додека е жив?

(Од книгата „Од дневникот на Васко Пикаско и Зорка Сештозборка“,
издание на „Македоника литера“)


Божиќ

Божиќ е празник
наш, најличен!
Православен, христијански –
на Велигден најсличен.

Божиќ кога славиме
сегде кај што се оди,
поздравот наш гласи:
– Христос се роди!
– Навистина се роди!


Бадник

Денот пред Божиќ
како Бадник се слави,
за вечера – лепче
со париче се прави.

На секого од лепчето
по парченце му се дава.
Кој ќе го најде паричето
ќе има среќа и слава.


ЗА АВТОРОТ

Киро Донев (1942, Моноспитово, Струмичко) е автор на над четириесетина книги за деца, пред сè прозни дела: романи, раскази, гатанки, повести, пиески и сликовници, а за своето творештво е добитник и на неколку високи книжевни награди во Македонија.
Повеќето од книгите на Киро Донев се наменети за деца од помала возраст – од пет-шест до дванаесетгодишна возраст. Карактеристично за него е што во некои прозни дела раскажува во рима, со стихувани реченици и може да се доживува како своевидна поезија во проза, исполнета со инвентивен хумор. Киро Донев има свој препознатлив стилско-лексички исказ, духовит и динамичен ритам со рима и во македонската литература има високо реноме на голем мајстор на прозата за деца од мала возраст. Го сметаат за најдобриот автор за деца за помала возраст. Негови дела се преведени на неколку јазици.
Меѓу другите, автор е на следните книги: „Жаба спикер“ (поезија 1967), „Било – не било“ (раскази, 1969), „Априли-ли“ (пиески, 1969), „Збркана сказна“ (роман, 1986), „Ден по ден – година“ (раскази, 1987), „Внукот на мајорот“ (роман, 1989), „Шарена криенка“ (раскази, 1990), „Манастирски ѕвона“ (роман, 1992), „Далаверите на Добре лошиот“ (роман, 1992), „Четириножните рицари“ (роман, 1993), „Надуенка“ (раскази, 1997), „Киндер квачка“ (роман, 1999), „Приказни од зоопаркот“ (раскази, 2000), „Весел зоопарк“ (раскази, 2007), „Од дневникот на Васко Пикаско и Зорка Сештозборка“ (раскази, 2012), „Приказни од куќичката на дрво“ (раскази, 2013), „Јамболија што лае“ (роман, 2015), „Училишен театар“ (пиески, 2016) „Било и се скрило“ (поезија, 2018), „Дарко во зоопаркот“ (раскази, 2019)…