Овој камп, кој годинава се одржа по петти пат во детското одморалиште „Радости“, има цел да им помогне на младите литерати во остварување на мечтата да станат писатели, велат организаторите
Во детското одморалиште „Радости“ крај Охридско Езеро, од 28 јуни до 4 јули, се одржа петтото издание на книжевниот камп за деца и за млади „Да бидам, да бидам…“, кој го организираат издавачката куќа „Македонска реч“, Сојузот за грижи и воспитување на децата на Македонија и Детското одморалиште „Радости“.
Во годината кога кампот слави мал јубилеј, крај езерото се собраа стотина деца од Жван, Радовиш и од Скопје и, заедно со нивните наставници-ментори Гордана Здравковска, Татјана Нанкова, Бојана Стојчевска и Влатко Стојковски, уживаа во брановите, во игрите, во речениците, во стиховите….
Секое дете мечтае да порасне, а кога ќе порасне да стане нешто. Да биде голем човек, успешен, почитуван и среќен… Овој камп не е како сите други летни кампови, туку има цел да им помогне во остварување на мечтата на оние деца и млади што се талентирани за креативно изразување и кои јавно или тајно посакуваат да бидат писатели.
Токму затоа нашиот популарен писател Горјан Петревски, кој е иницијатор и координатор на овој камп, се потруди да исплете интересна седумдневна приказна за младите литерати-летувалци, приказна во која тие се главните јунаци и ќе се забавуваат, ќе пливаат, ќе уживаат, ама и ќе научат нешто, ќе творат и ќе се дружат со писателите и сите посветеници на литературата за деца.
Освен што Горјан Петревски другаруваше со децата сите седум дена, на гости на камперите им беше и писателот Саво Костадиновски, кој педесет години живее во Германија, со творештво од 123 книги објавени на македонски и на германски јазик.
За „Серенадите што ги нема“ говореше м-р Крсте Велески, педагог, етнолог и собирач на народно творештво, а на „Заборавените игри“ нѐ потсети учителката Менка Станчевска.
Преку „Креативни работилници-училници“ со децата другаруваа писателите Ванчо Полазаревски, Билјана Црвенковска, Вера Андон и Филип Димкоски, а свое претставување имаа и писателите Киро Донев, Фејзи Бојку, Пунторие Муча Зиба, Сузана Мицева и Лира Бојку.
„Седење и беседење“ со учениците и наставниците реализираа универзитетските професори Јордан Стојаноски од универзитетот „Св. Климент Охридски“ и Јованка Денкова од универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, кои говореа за сказните, за литературата за деца, но и за љубовта, семејството, добрината…
Покрај работниот дел, од кампот летувалците ги истражуваа и убавините на Охрид, ги посетија Вевчани и Струга, се дружеа и фотографираа со нашиот познат ракометар Кире Лазаров, но и со младите фолклористи од Бугарија, кои исто така имаа работно лето и настапи во Македонија.
Различни литератури, крајезерски авантури, од песок скулптури, смеа, сонце и забава го брануваа тие седум дена охридското крајбрежје. Со убава енергија се разделија летувалците, менторите и писателите, посакувајќи си следната година пак да се сретнат и да творат. А, како спомен и печат од ова нивно летување ќе остане алманахот со лични творби од децата создавани за време на кампот, кој набргу ќе биде објавен.