Славка Арсова неодамна ги посети учениците од 4-а и од 4-б одделение во ова скопско училиште во општината Кисела Вода, и им откри некои тајни поврзани со инспирацијата за пишување и за тоа како се раѓа една авторска книга. Падна договор средбата наскоро да се повтори
Убав, сончев есенски ден, влегувам во дворот на основното училиште „Партение Зографски“, во општината Кисела Вода. Ме запира млада жена од обезбедувањето. Љубезно и насмеано ме прашува: „Каде одите?“. Но веднаш се сепнува и самата одговара: „А, да, вие сте писателката, се гледа по книгите што ги носите во ќесето. Ве чекаат во четвртите одделенија“.
Љубезната полицајка е веќе информирана. Ме испраќа кон наставничката канцеларија.
– Не влегувам веднаш – ѝ велам.
– Сега е голем одмор ќе седнам на едно столче пред внатрешната врата. Сакам да ги гледам оние (покажувам со раката) насмеани и разиграни палавковци, кои трчаат низ убаво уредениот училиштен двор.
Седам и гледам: пред мене протрчуваат, се бркаат, се борат, си шепотат, некои, пак, си шеткаат бавно и во раката го стискаат сѐ уште недојадениот сендвич, добиен за ужинка. Меѓу децата гледам и повеќе наставници, кои како и нивните ученици, рационално ги користат есенските сончеви зраци во паузите меѓу часовите.
Удира ѕвончето. Сите се прибираат во училниците. Во холот насмеано ме пречекуваат двете наставнички: Сузана на 4-а одделение и Јасмина на 4-6 одделение.
– Ајде, писателке, нетрпеливи се учениците, уште од првиот час само прашуваат: „Кога ќе дојдете писателката Славка Арсова“ – ми вели наставничката Сузана. А, пак, наставничката Јасмина шеговито вели: „А моите се уплашија да не си заминеш по третиот час од 4-а, а нас да нѐ заборавиш“.
И така, и третиот и четвртиот час меѓу учениците од двете четврти одделенија, ми мина речиси секавично. Прашања едно чудо. Не знаев кому побрзо да му одговорам. Зборував за тоа: како се создава книгата, па на авторите колку време им треба да ја напишат, па кога пишувам, зошто пишувам, кога сум почнала…
– Тетка писателке, нели треба многу време да се напише една книга, тоа е тешка работа – прашува и само си одговара едно убаво русокосо момченце од првата клупа во 4-а.
– Да – му потврдувам. – Па токму затоа книгата треба да се цени и да се сака. А вие, ја сакате ли книгата и дали читате?
– Даааа – одговараат во хор.
Со книгата оди и прашањето за јазикот. Почнуваме разговор за говорот, кој „треба да е јасен и правилен“ – велат, така им кажала наставничката. – Точно е – им одговарам. Потоа ги прашувам на кој јазик зборуваат и пишуваат, а тие во хор: „на мајчиниот јазик“.
– А што значи мајчин јазик – ги прашувам.
– Нашински јазик – одговара едно убаво, насмеано девојче до 4-б одделение.
Се смееме сите. Убав детски одговор.
– Така е. Нашински си е нашиот мајчин, македонски јазик – нели?
И јас духовито возвраќам. И сите пак во хор:
– Даааа…
Се поставуваат прашања, прашања… Овие четвртоодделенци сакаат да знаат сѐ.
– Такви се и на другите часови – вели наставничката Јасмина и додава:
– Сега неколку ученички ќе ви прочитаат свои творби, да видите како умеат да пишуваат.
И навистина, впечатливи детски песнички за екологијата, за годишните времиња…
Ѕвоното удира. Завршува четвртиот час. Се собираат во холот околу мене, и овие од 4-б и оние од 4-а. Се поздравуваат, ме гушкаат и не сакаат да ме пуштат. Сите се смееме.
– Се чувствував многу убаво со вас, брзо ми мина времето, но вие мора да продолжите со другиот час – ги смирувам. – Ќе дојдам пак, се разбира, ако ме поканите!
– Дааа – громогласно извикуваат. – Ние многу сакаме гости – додаваат и мавтајќи ми со рацете влегуваат во училниците.
Си заминав со голем впечаток. Навистина – многу инвентивно од наставничките Сузана и Јасмина. Секоја новина (па и оваа посета) внесува посовремен, порелаксиран метод на стекнување нови знаења. А децата сакаат да се едуцираат на непосреден – слободен начин. Такви беа и овие прекрасни, разиграни и насмеани четвртоодделенци од училиштето „Партение Зографски“.