Познатиот балкански писател за деца Љубивое Ршумовиќ (79) почнал да пишува уште како основец, во родниот Љубиш. Се школувал во Чаетина, Ужице и во Белград, каде што дипломирал на групата за компаративна книжевност.
Првите песни ги објавил како гимназијалец, а во 1965 година се вработува во Радио Белград, во Редакцијата за деца. Својот литературен талент го вградил во емисиите „Вторник навечер – ма, што ми рече“, „Во сабота во два“, „Весел вторник“. Во 1969 г. се сели на ТВ-екраните и ги снима култните детски серии: „Двоглед“, „Илјади зошто“ и „Ајде да растеме“. Го напишал сценариото, режирал и снимил над 600 емисии, а негова е и една од најпопуларните серии за деца во некогашна Југославија, „Фори и фазони“, која имаше 142 епизоди. Освен за деца, снимил и неколку документарни серии за возрасни.
Од 1986 до 2002 година беше директор на театарот „Бошко Буха“.
Објавил 72 книги, главно за најмладите читатели. Негови најпознати дела се: „Ма, што ми рече“, „Уште само али ни фалат“, „Татковината се брани со убавина“, „Ујдурми и зврчки од стара Грција“, „Сончање на месечина“, „Три јазли на трепката“….
Бели пакети
На стариот татко, во родното село,
јас, неговото одбегнато дете,
редовно му праќам, убави пратки,
полни бели пакети.
Шеќер во коцки, кафе и брашно,
понекој жилет остар,
секој петок, пред родната куќа,
му носи соседот, поштар.
Ни сам не знам зошто и како,
одеднаш бука се крена,
на татко ми не сум му праќал пакети,
речиси месец дена.
Кога еве, поштарот со писмо,
со татковиот ракопис крив:
– Добро сум сине, биди ми и ти,
на твојот татко, здрав и жив.
Само те молам, редовно праќај,
бели пакети, сине мој,
в село се збори, дека си нешто
лут на татко ти твој.
Знам сѐ е скапо, давачки многу,
а се нема ни пари.
Во пакетот не мора ништо да има,
може и стуткани, весници стари.
Повторно сега во родното село,
јас, неговото одбегнато дете,
на мојот татко редовно му праќам,
полни бели пакети.
Препев: Наум Попески