Најдраги ми беа средбите со нашите деца во Австралија, кои ги изучуваат македонскиот јазик, културата и традицијата на нашиот народ, вели Цветин.
Хуманитарецот Живко Поповски Цветин своите мироносни цвеќиња ги однесе меѓу нашинците во Австралија, а за време на неодамнешната посета на петтиот континент посети и неколку училишта во кои учат македонски деца, каде што одржа неколку ликовни работилници и, се разбира, подари многу свои дела, а на едно училиште му направи и цела цветна азбука.
– Сѐ уште ги средувам впечатоците од мојата прва посета на Австралија, што ја искористив за многу средби со Македонците што живеат таму. Многу сум среќен што цвеќињата на мирот се шират на сите меридијани на планетата, пренесувајќи ја пораката за мир, љубов и почит меѓу луѓето. За време на мојот престој во Мелбурн и во Сиднеј, нацртав 1.600 слики, подарив 1.000, а другите ги оставив кај брат ми Злате Поповски, кој веќе 40 години живее таму. Непосреден повод за ова мое патување беше крштевката на внукот Џулијан, што повторно го обедини нашето семејство. Инаку, јас постојано работев и секој ден создавав по 30 слики – вели Цветин, чии цветни пораки, што ги испраќа веќе три децении насекаде низ светот во 2009 година му донесоа и номинација за Нобелова награда за мир.
Поповски по професија е земјоделски инженер, а освен што се занимава со сликарство, бил и претседател на Црвениот крст на Македонија.
– Голем впечаток ми остави посетата на саботното училиште во Килор Даунс, кое работи во рамките на Викториското училиште за јазици во Мелбурн, каде што учениците го изучуваат македонскиот јазик. Таму заедно со Стефче Стојковски, познат инструменталист на народни инструменти, одржав две работилници. Срдечно нѐ пречека директорот на овој центар Садик Чагдаш, а јас му подарив неколку мои слики. Децата, на возраст од 7 до 12 години, имаа можност да го проследат документарниот филм за мене, што своевремено го сними МТВ, а јас за тоа време сликав. Дури некои од дечињата изразија желба да се обидат да направат нешто самите, инспирирани од она што го виделе. Беа вчудовидени од брзината со која ги создавам делата – ни раскажа Цветин.
Во рамките на својата работилница, Стефче Стојковски им зборувал на Македончињата за народните изворни инструменти, а засвирел на гајда и кавал, посочувајќи дека тие се нераскинлив дел од македонската традиционална музика.
– Наставничките што предаваат македонски јазик во ова училиште: Весна Дамчевска, Гордана Димовска, Анета Ристевска, Мирјана Стојчевска, Сања Бошевска и Ирена Павловска, на драгите гости им подготвија македонска трпеза, а директорот Чакдаш, воодушевен од настанот ги поттика и наставниците што предаваат на други јазици да го следат примерот на македонските наставници. Потоа во школскиот двор пуштивме црвени и жолти балони, со цветни пораки. Овој несекојдневен настан, се надевам, децата уште долго ќе го паметат, бидејќи не само што предизвика многу насмевки и сјај во детските љубопитни учи, туку ќе придонесе тие уште подобро да ги запознаат своите корени, а секако и за зачувување на македонскиот јазик, култура и традиција кај нашинците во Австралија – вели Цветин.
Наставничката по македонски, Весна Дамчевска, со емотивна порака му се заблагодари на Цветин за посетата на училиштето.
– Ви посакувам добар пат и мирен лет до нашата сакана Македонија, од срце ви благодарам за одделеното време, за вашата миротворна цветна ливада, која ја засадивте овде во Австралија и огромно благодарам за успешната работилница во нашето македонско училиште – напиша Дамчевска на социјалната мрежа Фејсбук.
Цветин е импресиониран и од посетата на средно училиште во Епинг, каде што 10 отсто од учениците учат на македонски јазик.
– Таму се сретнав со Гордана Мугровска Јанинска и со други наставници од саботните училишта каде што на децата им предаваат на македонски јазик, како и со поетот Крсте Наумвоски-Мечкарот. Имаше многу прашања и од учителите и од децата, кои беа одушевени од брзината и начинот на моето сликање. На стотина момчиња и девојчиња им подарив свои слики. Со деца се сретнав и на 29 јуни во Сиднеј, поточно во Рокдејл, каде што ја запознав наставничката по македонски јазик Жаклина Михајлова. И тука имав презентација на мојата приказна, изложив 20 нови слики и другарував со децата со македонско потекло – вели тој.
За време на својот престој во Австралија, тој посетил и пензионерски и спортски клубови, здруженија, балови, другарски вечери, а бил и во домовите на многу Македонци што живеат таму, а во куќата на својот брат направил и изложба за соседите.
Стории за Цветин излегоа и во македонско-австралиски неделник, кој го уредуваат Игор и Тони, синовите на писателот Божин Павловски.