Нова книга за деца од Вера Андон

Деновиве во издание на издавачката куќа „Просветно дело“ од печат излезе книгата „Ха-ха од Ш до А“ – мојата прва букварка, од поетесата Вера Андон.
Станува збор за книга, која содржи по една строфа за секоја буква од македонската азбука. На инвентивен и оригинален начин претставен е бисерот од букви, кои се нижат со својата различност, певливост и убавина. Освен стиховите на Вера Андон, книгата е соодветно и богато илустрирана од илустраторката Сузана Томовска, а страниците се дополнети со интерактивни задачи за младите читатели креирани од уредничката Ксенија Трајчева.

Рецензентката на книгата, проф. д-р Виолета Димова, вели дека во оваа букварка учењето на буквите се одвива низ еден креативен чин, преку кој малите умни глави се поттикнуваат да мислат, да поврзуваат, да откриваат, да споредуваат, да цртаат да бојат…

Од творечката лабораторија на Вера Андон досега се објавени книгите „Првата љубов голема а ние мали“, „Здраво мои 13“, „Тајната на црвената гума“ и други. Авторката константно создава и објавува во детски списанија и, секако, подготвува нови поетски книги и сликовници за нејзината најдрага читателска публика – децата.


Б – како брод што плови
кога денот е студен
или кога е сончев и врел
и ноќе тој плови –
плови кон својата цел.

С – како сонце
с – како сон
како сина боја,
на езеро, на море
сини очи кон небото,
што гледаат горе…

Л – како лист кој
ги протегна рачињата
ги отвори очињата,
Сонцето го виде
и почна да шепоти:
пролет иде, пролет иде…