Во галеријата „Ко-Ра“ минатата недела беше отворена изложба посветена на најмладите. Во рамките на традиционалната соработка и годинава беше реализиран проект со учениците што ги осознаваат тајните на уметноста и неисцрпните можности на изразните форми, преку повеќе техники и медиуми. Годинава тоа е изложбата на учениците во НВО СЕНСУС, под раководство на познатата графичарка, уметницата Шчипе Мехмети.
– Оваа година здружението се претставува со избор фотографии што нѐ водат во чудесниот свет на детската радост и фантазија, доближувајќи нѐ до природата и навраќајќи нѐ на детството, како и на средбата во секој миг со нешто ново и непознато, кое со љубопитност го осознаваме.
Радоста е поголема кога фотообјективот ги чува миговите од заборав, овозможувајќи ни секогаш со радост да се навратиме на сaканите катчиња, галеничиња, на саканите личности, на миговите за паметење што нѐ носат понатаму, секогаш со нова ведрина и радост – истакна Виолета Калиќ по повод изложбата, која традиционално се реализира во овој мал салон.
НВО СЕНСУС и менторката Мемети и овој пат нѐ изненадија со нов приод во доближувањето на уметноста и до најмладите генерации.
Проектот е поддржан од Министерството за култура.