Родниот Прилеп му го додели признанието „3 Ноември“ на долгогодишниот соработник на „Колибри“
Младиот македонски поет Филип Димкоски, долгогодишен соработник на „Колибри“ и на „Нова Македонија“, е добитник на највисокото градско признание, дипломата „3 Ноември“ на градот Прилеп, за афирмација на македонскиот јазик и образованието. Наградата нему и на другите годинешни лауреати од разни области им беше доделена по повод Денот на ослободувањето на Прилеп – 3 Ноември.
Димкоски активно дејствува на полето на литературата, јазикот, образованието и новинарството, покрај тоа што е апсолвент на Факултетот за земјоделски науки и храна, во насоката хортикултура.
Годинава неговата книга за деца „Заедно да растеме“ беше објавена на српски јазик, промовирана на повеќе места, како и на книжевните саеми во Нови Сад и во Белград, а Димкоски за ова дело ја доби и плакетата „Симо Цуциќ“ во Ново Милошево, Банат.
Неговата книга за возрасни „Во градината има само љубов“ доби свое бугарско издание, кое беше промовирано во Стара Загора, а во декември ќе има свои претставувања во Софија, Бугарија.
Покрај многуте средби со учениците и постојаните фестивали, саеми и промоции во регионот, Филип ни откри дека пишува нови песни и за децата и за возрасните, очекува објави на неговите песни во Русија и во Словенија, а за следната година подготвува поетски перформанс.
За страниците на „Колибри“ и на „Нова Македонија“ вети интересни разговори и прилози.