Низ страниците на македонската литература за деца:
„Скаските на Мето од петто“ на Трајче Кацаров
Во моето маало имаше и такви што не сакаа да одат на училиште. Постојано беа на улицата. Седеа на тротоарите, или, пак, си истргаа на припек како мали змијчиња по скалите пред влезната врата на куќата на газда Ниче.
Ниту една игра не им беше интересна. Не сакам да кажам дека не си играа, но никогаш игрите не ги доведуваа докрај. Постојано на средината од играта ќе се раскараа и онака како претепани змијчиња ќе се спуштеа кон старите позиции, на скалите пред влезната врата на газда Ниче.
По цел ден лапаа муви. Навечер пак нивните разголени меса им ги лапаа комарците. Дење се плескаа по челата, рацете, нозете, односно по секое откриено делче од телото и главата, а навечер се чешаа по истите тие места како да беа шугави.
И реката им беше далеку иако течеше на стотина метри до нашето маало. Истргнати на припек на скалите пред влезната врата на газда Ниче, го слушаа жуборењето на нејзината вода, ги вдишуваа опојните мириси што им ги носеше ветрот и тоа им беше доволно да признаат дека од капење во реката им е преку глава.
Не можам да се сетам дали некогаш се смееја, или плачеа. Но, знам дека малку, сосем малку разговараа помеѓу себе.
Имаа празен поглед. Имаа и леки мисли и токму тие им ја полнеа главата како што би се полнел балон со воздух.
Со главите наполнети со леки мисли не можеа да прават ништо друго освен да летаат. И летаа, летаа без да се помрднат од место. А кога ќе се вратеа од летањето беа мртви гладни и одеа дома на лапачка, поточно одеа дома да зграбат понекое парче леб и повторно, сега со парчето леб премачкано со свинска маст, или маргарин излегуваа на улицата за да се испружат на тротоарот, или по скалите пред влезната врата од куќата на газда Ниче.
Додека одев на училиште ги гледав и мислев дека се вистински јунаци. За нив нашироко се зборуваше. Велеа дека можат на учителите, кои после секое незнаење или направена штета нѐ теглеа за ушите и нѐ маваа по прстите со прачка, да им кажат:
„Не дозволуваме да ни се теглат ушите!
Не дозволуваме да нѐ удирате по носот!
Всушност воопшто не дозволуваме да ни се гази по носот!“
Денес сфаќам дека одењето на училиште не е толку лоша работа. Ако не друго, барем ќе научиш дека празната глава лесно се носи на рамениците ама пак со неа никаде не се стигнува.
За авторот
Трајче Кацаров е македонски поет, раскажувач, есеист и драмски автор. Роден е во Штип, на 14 септември 1959 година. Завршил Академија за филм и театар во Софија, Бугарија. Магистрирал на Институтот за македонска литература на Универзитетот ,,Cв.Кирил и Методиj“ во Скопје. Работи како драматург во Народниот театар во Штип. Во 1993 година го основа списанието за уметност СУМ. Член е на ДПМ од 1991 година. Неговите дела се преведени на неколку јазици (англиски, руски, украински, албански, бугарски, српски, хрватски и словенечки), a неговите театарски пиеси се одиграни низ повеќе театри во регионот и пошироко.
Добитник е на повеќе награди од областа на литературата: „Татко и отец“, во 2009 год. е добитник на наградата ,,Кочо Рацин“. За пиесите „На клупата“ и „Шешири“ е добитник на наградата ,,Мајстори на прозата“. За збирката поезија „Формата на молкот“ е добитник на наградата,,Јован Котевски“. За поемата АКO е добитник на наградата ,,Глигор Прличев“. Во 2004 год., Кацаров е прогласен за личност на годината во Општина Штип и истата таа година добива признание ,,Деец во културата“. Во 2009 г. Општина Штип му ја додели наградата „8 Ноември“.