Општинското основно училиште „Јонче Смугрески“ од Обршани, Прилепско, минатата недела, под мотото „Демократија, учество и детски права“ беше домаќин на Отворениот ден за граѓанско образование. Беа презентирани младински иницијативи од учениците за збогатување на животот во училишната заедница.
Иницијативата беше во насока на развивање граѓански вредности што ќе ги зајакнат демократските капацитети на учениците. Денот се организира како нов концепт од програмата на Бирото за развој на образованието, каде што во фокусот се граѓанските вредности и практикувањето на демократското функционирање на учениците.
– Со отворениот ден сакаме кај учениците да поттикнеме интерес за одговорност за состојбите и условите во училиштето и да развиеме иницијативност кај нив за преземање позитивни промени. Активностите имаат цел да се издигне јавната свест за обврските што општеството и ние возрасните ги имаме кон децата, како и да предупредат за важноста на навремените промени, за подобрување на благосостојбата на сите деца. Генерациите што ги образоваме во иднина ќе бидат луѓе што ги знаат, почитуваат и имплементираат човековите права, како највисоки вредности што треба да се негуваат и остваруваат секојдневно. Тие треба да станат активни и одговорни граѓани во иднина, а додека се во училиштето да ја негуваат демократска клима – велат од училиштето.
На отворениот ден на училиштето ученици учеа што е тоа демократија преку правото да избираат и да бидат избрани во училишните заедници.
– Децата се запознаа и со значењето на граѓанското учество преку слободното остварување на правото да учествуваат во креирањето на училишните политики и донесувањето одлуки важни за училиштето.
На овој ден учениците прикажаа како функционираат нештата кога децата преземаат иницијатива. Како изгледа кога тие се носители на демократијата, желбата за еднакви можности за сите, желбата за реализација на сите детски права – особено оние за здрава животна средина, хуманост, толеранција, прифаќање на разликите. Како изгледа кога ученик е претседател на ученички парламент или ученички правобранител – големи и сериозни улоги доделени на мали луѓе што знаат да ги преземат со многу љубов, разбирање и одговорност. Сите наши активности во Отворениот ден за граѓанско образование имаат цел да поттикнат демократска клима во училиштето, развивање на чувството на одговорност меѓу учениците и зајакнување на ученичките иницијативи за преземање активности за позитивна промена – велат од училиштето.
Во рамките на отворениот ден беа организирани низа активности.
Ученичките од литературно-рецитаторската секција, со наставничката Цветанка Божиноска, се претставија со писмениот состав „Правата на децата на тема: Критичко размислување од поединци“ на Бисера Талеска и со личната творба „Дете“, чиј автор е Христина Стојчевска.
Се одржа дебата со учениците од деветто одделение на темата „Ученички иницијативи за подобрување на демократската клима во училиштето“. Учениците дебатираа на четири теми: „Употреба на мобилните телефони во училиште – за или против“; „Дали постои дискриминација во училиштето – да или не“, „Ученички униформи за учениците од деветто одделение -за или против“; „Обезбедување во училиштето – за или против“, заедно со наставничката Снежана Чапкуноска.
Учениците од француската секција ги презентираа изработките од одржаната работилница на темата „Десет прсти – десет права“ (Dis doits= Dis droits), со наставничката Билјана Трчкоска.
Претседателот на ученичкиот правобранител, Матеј Карески од 7-а одделение, ги претстави функцијата и улогата на ученичкиот правобранител, а ученичката Ана Марија Ѓореска од 9-б одделение ги презентира резултатите од анонимниот анкетен прашалник за детските права, анкета со учениците од осмо и деветто одделение, на темата „Правата на децата во училиштето“.
Исто така, учениците од деветто одделение подготвија квиз на знаење за учениците од осмо одделение по повод отворениот ден на училиштето, каде што вклучија КРРП (критичко размислување и решавање проблеми), со употреба на МИКРО:БИТ.
Учениците од драмската секција се претставија со интерпретација на текстот „Мито и корупција“. Со свои активности се претставија и учениците од прво до петто одделение од централното училиште, на темата „Модна ревија – рециклирав, селектирав, дизајнирав“
Учениците во подрачното училиште во Бела Црква реализираа повеќе активности под паролата „Спортувањето го зајакнува имунитетот“. Одделенските наставници и наставникот по ФЗО, заедно со учениците, во ведро расположение и пријатна атмосфера реализираа спортски активности и марш.
Имаше и екоакција „Да бидеме хумани“, а учениците при подрачното училиште во Боротино одлучија да ѝ помогнат на баба Зора при уредувањето на семејниот двор и на тој начин ја покажаа својата хуманост.