Придобивките од оваа програма се огромни, бидејќи се овозможува развивање на фокусот кај децата, фотомеморијата, способноста во следење на наставата, како и подобрување на концентрацијата
На голема радост на кавадаречките дечиња вљубеници во математиката, од овој месец програмата по ментална аритметика „Мал генијалец“ (Малац генијалац), која веќе неколку години се практикува во соседните држави, а кај нас само во Скопје, сега пристигна и во нивниот град. Колкав е интересот за оваа програма се покажа на презентацијата, која деновиве се одржа во полната сала на домот на културата „Иван Мазов-Климе“. Воодушевувањето беше еднакво кај децата и кај нивните родители за оваа програма, која потекнува од Jапонија, земјата колепка на менталната аритметика.
– „Мал генијалац“ е единственото училиште во Европа што спроведува оригинална јапонска програма по ментална аритметика – хикари. Благодарение на уникатниот метод, нашите ученици за кратко време постигнуваат извонредни резултати. Само по два месеци настава, учениците можат да пресметуваат ментално, што не е случај кај другите програми по ментална аритметика. Во нашето училиште учениците го користат оригиналниот јапонски соробан-абакус направен според јапонските стандарди, исклучиво од природни материјали бука и бамбус. Кавадарци стана дел од оваа фамилија на „Малац генијалац“ благодарение на тимот од едукативниот центар „Сент Џорџ“ (St. George). Децата од Кавадарци на возраст од 4 до 14 години ќе ја имаат можноста уште во средината на февруари да започнат со работа во првите групи – вели Цанка Велкова, директорка за франшизи и едукација во „Сент Џорџ“.
На презентацијата заинтересираните имаа можност да слушнат многу детали за оваа програма по ментална аритметика, која во Јапонија се практикува во редовното образование. Ќе се посетува еднаш неделно, а часовите траат по два часа и 15 минути, со можност на дополнителни часови колку што му е потребно на секое дете, бидејќи се работи со индивидуален пристап. Школата трае две години, со тоа што првата година се работи со абакус, а втората година оваа алатка се трга од видното поле и се работи по визуализација, односно замислување на абакусот, кој има форма на една поголема сметалка. Оваа програма всушност претставува тренинг на здрав детски мозок, а придобивките се огромни, бидејќи се овозможува развивање на фокусот кај децата, фотомеморијата, способноста во следење на наставата и подобрување на концентрацијата.