Сите три децении од нашето постоење се полни со активности и прекрасни претстави, а интересот кај младата публика се привлекува со подготвување програма со интересни теми, вели директорката Катерина Илиевска
Пред 30 години, на 25 март, Театарот за деца и младинци од Скопје ја започна својата приказна со претставата „Чудовиштата од нашиот град“, а минатиот вторник пред Музејот на современата уметност беше промовирана монографијата „Сон што трае“, во која е сумиран тридеценискиот развој на оваа реномирана институцијата.
Театарот за деца и младинци зад себе бележи рекордни изведби на претстави, награди и меѓународни признанија, кои се зачувани во монографијата, на чие претставување, освен сегашните и некогашни членови, дојдоа голем број пријатели и соработници на театарот.
Според авторот на монографијата Тодор Кузманов, во ова дело се прикажани повеќе жанрови и различни видови претстави одиграни на матичната сцена на Театарот за деца и младинци.
– Во текот на неколку месеци заеднички со директорката Катерина Илиевска, со режисерите и други луѓе од Театарот за деца и младинци, вложивме сили и напори да излезе овој продукт вака како што изгледа. Во него е направен обид да се забележа сѐ што било важно во развојот на Театарот за деца. Во прашање се многу жанрови, различен тип претстави, различни естетики, во прашање се режисери од дома и од странство, кои со себе носат свој багаж, свое искуство, кое им го пренесуваат главно на актерите, односно на ансамблот на театарот – рече Кузманов на промоцијата на монографијата „Сон што трае“.
Тој изрази надеж дека и во иднина нема да престане љубопитноста за откривање нови простори и за биење на битката театарот да се доближи до најмладата публика.
Според рецензентката на монографијата Ана Стојаноска, триесет години е една сериозна возраст. За 30 години, како што вели, може да пораснете, да ги научите првите букви, да научите да составувате приказни, да се вљубите и да се одљубите, да создадете свои деца, да создадете еден свој свет. Таа вели дека оваа монографија е еден вреден историски доказ за генерациите што ќе дојдат по нас и ќе го истражуваат Театарот за деца и младинци.
На промоцијата им беа доделени и плакети и благодарници на сите театарски работници што со својот ангажман оставиле длабока трага во театарот.
Инаку, монографијата е објавена со поддршка на Министерството за култура.
Според директорката Катерина Илиевска, сите изминати три децении од работата на театарот биле успешни.
– Сите триесет години од нашето постоење се полни со активности и прекрасни претстави. Единствено што би можела да го издвојам е успехот со претставата „Македонска приказна“ од 2000 година, затоа што со неа освоивме три гранпри-награди и други многубројни признанија, а измамивме и безброј насмевки и радост на лицата на децата и возрасните. Ете, таква среќа имаше таа претстава. Но сите други се еднакво квалитетни на свој начин, се разбира. Вниманието кај најмладите најчесто го привлекуваат насловите како „Пепелашка“, „Снежната кралица“, „Црвенкапа“, „Убавицата и ѕверот“, „Јованче и Марика“… Тоа се наслови и бајки што децата неминовно ги гледаат и ги сакаат, веројатно зашто за нив претходно имаат подготовка од дома – вели Илиевска.
Според неа, интересот кај младата публика се привлекува со подготвување претстави со интересни теми.
– Некогаш тоа е филозофска тема, некогаш атрактивни филмувани дела, а непосредно пред да запреме со работа поради познатите причини, требаше да имаме премиера на една тинејџерска претстава за врсничкото насилство меѓу младите, нешто што е многу актуелно и кај нас. Инаку, да бидеме искрени, сѐ уште е потребно да се работи на привлекување на тие т.н. младински категории публика, но се обидуваме – појасни Илиевска.
Театарот за деца и младинци е добитник на голем број награди и меѓународни признанија, што е доказ за високите стандарди што се почитуваат во оваа установа.
– Да, добитници сме на голем број награди и признанија, од кои дури 11 гранпри-награди на меѓународни фестивали за деца. Тоа ни е доволна причина да веруваме дека сме добри и дека нѐ ценат во регионот и пошироко во Европа. Се разбира, јас сум голема оптимистка, човек што ги сака радоста, работата и гостувањата на фестивали, така што секако дека градиме планови и во услови на актуелната пандемија. Штом ќе се средат работите, ќе ја извадиме премиерата на младинската претстава за врсничкото насилство, насловена „Кој е силеџија“, а во почетна фаза на подготовка, првпат во нашиот театар и во нашата држава, ни беше претстава за бебиња, нешто што е многу актуелно во регионот и пошироко во Европа – откри директорката Илиевска.
Таа посочи дека сите во театарот се пресреќни што вратите се отворени за децата од 16 октомври, се разбира според сите протоколи.
Инаку, театарот гостуваше на годинашното „Охридско лето“, со претставата „Јованче и Марика“, а беше дел и од 28-от меѓународен фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица, со претставата „Касета“ од шведскиот автор Денис Магнусон, а во режија на Бесфорт Идризи.
Претставата говори за тинејџерката Тува, која не може да најде заеднички јазик со својот татко, за кого мисли дека е многу здодевен и ништо не разбира. „Касета“ има повеќе важни аспекти за младата публика. Од една страна, открива цел еден музички свет, но истовремено, од друга страна, се фокусира на семејните односи.Во неа играат: Мики Анчевски, Наташа Петровиќ, Симона Спировска, Винета Дамческа Мојаноска, Мартин Јорданоски, Ненад Митевски.
Деновиве почнаа и подготовките за новата детска играна претстава „Некој нека ми каже колку сум важен“, во режија на гостинката од Хрватска Слаѓана Килибарда. Драматизацијата е на Милена Деполо од Србија, а преводот на македонски го направи Горјан Милошевски. Во претставата играат: Мики Анчевски, Марија Ѓорѓијовска, Ненад Митевски, Ангела Димитрова, Никола Наковски.
Како шлаг на славеничката торта деновиве стигна веста дека годинашен добитник на наградата „13 Ноември“ во областа на културата е Љубомир Чадиковски“, поранешен директор на Театарот за деца и младинци од Скопје, кој го доби високото признание за значајни придобивки и успеси на театарот на сите полиња за време на неговото директорување. И.Б.- М.Т.