Во театарот „Војдан Чернодрински“ во неделата премиерно беше прикажана претставата за деца „Приказни за ветрот и месечината“, во режија на Кирил Петрески. Претставата е работена по басните на Езоп, Лафонтен и Цепенков. Најмладите уживаа во претставата, во која имаа можност да ги забележат поуките за животот и односите со другите луѓе. Животните се вистинските јунаци на бајките, но преку нив во претставата се покажаа човечките карактеристики: лукавството, зависта, алчноста, мудроста и наивноста, доброто и злото, правдата и неправдата, силата и немоќта. Сѐ беше одлично спакувано, претставено метафорично, алегорично и сликовито.
Особено пленеа сценографија и костимите што ги изработи Александар Џинго, како и музиката на Томе Темелкоски. Сценографијата беше адаптирана според самиот текст, а пристапот беше современ при дизајнирањето. Целта се постигна со современото ликовно решение, како едно визуелно уметничко дело во спој со актерската игра на Катерина Чакмакоска-Клинческа, Јасмина Мицовска-Станкоска, Наташа Наумоска-Ачански, Михајло Миленкоски, Александар Тодески и младата Надица Ѓорѓијоска. Интерес предизвикаа и костимите, кои се стилизација на реалната форма на животните, што предизвика воодушевување кај децата.