Во градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп, во четвртокот беше промовирана книгата „Татковината во детските срца“ на Марија Таушанска Анастасовска. Станува збор за интересен концепт на книга, која и дечињата и возрасните лесно ја прифаќаат и брзо ја засакуваат.
Промотор и водител на настанот беше поетот Филип Димкоски, а иницијаторка дописничката од Прилеп на „Нова Македонија“, Каролина Мицевска.
Авторката зборуваше за настанувањето на книгата, за одговорите на децата за тоа како го разбираат поимот татковина и за песните од македонските поети поместени во неа. Таа ја прочита песната за татковината од првата уредничка на „Колибри“, писателката Евгенија Шуплинова, која има потекло од прилепското село Тополчани.
И секако, ништо без децата. На настанот, со звуците на виолината нѐ почестија учениците Леонардо Димоски и Катерина Аризанкоска од ОМУ „Ордан Михајлоски Оцка“ под менторство на нивниот наставник Љупчо Трајаноски, а со рециталот „Светот и ние“ се претставија младите рецитатори од ОУ „Кире Гаврилоски Јане“ под менторство на нивната наставничка по македонски јазик Сузана Николоска.
Со читање песни поместени во книгата од авторите Мирјанка Селчанец и Филип Димкоски од Прилеп, се заокружи убавата промоција на оваа мала, но значајна книга, што сите присутни ја добија како подарок од авторката.
Инаку, рецензенти на книгата се Трајче Кацаров, Татјана Гогоска и Филип Димкоски, фотографиите се на Александра Донева, насловната фотографија е на Маја Јаневска Илиева, а издавач е „Нова Македонија“.