За да го популаризираат танцот меѓу своите врсници, педесетина члена на скопските клубови „Брејк а лег“, „Ит д бит“ и „Аква денс клуб“ одлучија да одржат „битка“ во Аеродром, пред „Капитол мол“. Тие покажаа дека покрај физичките и здравствени придобивки танцувањето им помага на младите да откријат нов јазик на меѓусебно разбирање. Танчарите се предизвикуваа и се натпреваруваа меѓу себе исполнети со позитивна енергија и радост. Самата битка претставуваше нов начин на комуникација, во кој преку ритам и музика се урива стравот од јавен настап, се запознаваат нови лица, се создаваат нови пријателства.
По оваа пријателска „битка“, вистинска креативна борба ќе има на „Денс оф“, меѓународен танц-натпревар што ќе се одржи на 15, 16 и 17 ноември во Скопје, во СЦ „Борис Трајковски“.