Славица Танеска, студентка на трета година на Ликовната академија во Скопје,
денеска првпат во „Колибри“ го претставува својот стрип-херој
Марсо Марсоски
Младата уметница Славица Танеска, студентка на трета година на Ликовната академија во Скопје, отсек сликарство, периодов, кога како и сите нас е во самоизолација, го користи уште повеќе да го развие својот талент. Најновото од нејзиното домашно ателје е стрипот, кој го наслови „Марсо Марсоски“, наменет за децата.
– Овие детски стрипови ги подготвувам подолг период, меѓутоа си помислив дека сега е вистинско време да ги испратам за објавување, кога градинките и училиштата не работат и сите сме затворени дома. Си помислив дека децата ќе бидат заинтересирани за овој цртан херој, па затоа посакав ова да биде моја мала поддршка, како уметник, во овие тешки времиња за сите нас. Стрипот се вика „Марсо Марсоски“ и имам нацртано повеќе епизоди, секоја независна од другата – ни рече Славица.
Танеска додава дека во ликот на главниот јунак Марсо Марсоски може да се пронајде секој од нас.
– Марсо е борец што се бори со разни пречки. Ликот настана кога едно лето ми беше потребна хартија за сликање и барав низ охридските книжарници, а не можев да најдам. Кога отидов дома, татко ми ми рече дека тоа е како да барам трепкач за вселенска чинија. И тогаш се роди овој лик и понатаму продолжи да живее во моите стрипови. Други ликови во приказната се неговата баба, кучето и неговата пријателка, која ја воведов по барање на децата од детската градинка „Бисери“, во скопската населба Тафталиџе, во општината Карпош. Кај нив бев во посета како активност по предметот Педагогија, кој го учам на факултет. Таму првпат го претставив Марсо, а дечињата веднаш ме прашаа каде е женскиот лик, односно неговата девојка – ни откри Славица.
Таа се надоврза дека уште на почетокот почувствувала дека Марсо ќе им се допадне на децата.
– Марсо ги освои симпатиите на најмладите, иако не зборуваа сите деца македонски, на некои од нив албанскиот им беше мајчин, сите веднаш го разбраа цртежот и нивните реакции беа многу позитивни. Тогаш видов дека не постои јазична бариера во претставувањето на овој лик, што ме поттикна уште повеќе да работам. Оваа средба ми беше голема потврда дека сум на добар пат, бидејќи децата се искрени и не знаат да лажат, за разлика од возрасните, кај кои, за жал, не е секогаш така – вели Танеска.
За Славица е голема чест што првпат, ексклузивно стрипот за Марсо ќе биде објавен на страниците на додатокот за деца „Колибри“ во „Нова Македонија“, списание што ја следи уште кога беше ученичка во основно училиште во Охрид.
– Не знам како ќе го пласирам Марсо во јавноста во иднина. Најпрво да мине оваа криза, па ќе видиме. Сега сум дома, следам некои теоретските часови преку интернет, во рамките на наставата. Максимално се трудам да го искористам времето за сликање, а исто така и да експериментирам во различни правци на сликарството, ете и во стрипот, и секојдневно да се надградувам – ни рече неуморната Славица.
Таа зад себе има неколку самостојни и повеќе групни изложби, а издаде и книга со цртежи на стари македонски куќи.