НОВА КНИГА ЗА ДЕЦА НА СУЗАНА МИЦЕВА

„Насмеани стихови“ е прва книга за деца на Сузана Мицева, која излегува во издание на издавачката куќа „Просветно дело“. Рецензијата ја напиша писателот Киро Донев, кој смета дека стиховите во ова дело имаат и звук, се слушаат како музика.
– Впечатокот дека оваа поезија за најмладите читатели повеќе се доживува како музика можеби е и поради тоа што таа не е изолирана од живиот живот кој е полн со: животни, птици, инсекти, бубачки, билки и цвеќиња, со радости и таги на кои детето гледа од еден свој агол и притоа, го испреплетува реалното со фантастичното – вели Донев за поезијата на Мицева.
Авторката, која освен што е професионална новинарка, пишува поезија и за возрасни, за своето првенче за деца, ни рече:
„Стиховите секогаш ми надоаѓаат кога сум опкружена со детската невиност и среќа, од насмевките што ѕвонат низ воздухот. Така го доживувам пишувањето. Како записи на детските доживувања и фантазија. Детството ме потсетува на вечна радост, затоа и стиховите се такви, насмеани“.
Уредничка на изданието е Ксенија Маказлиева Трајчева, а илустрациите што ги разубавуваат насмеаните стихови се на Сузана Томовска.


НАСМЕВКАТА Е ЛЕК

Кој сака да знае, нека запишува!
Место лек, насмевка се препишува.
Две насмевки и една прегратка на ден –
за да си спокоен и здрав како дрен.
Кој се смее, тој си го нашол лекот
како сам да си го продолжи векот.
На лицето да стои, да ти го краси
за да си здрав и среќен да си!

ПОЛЖАВЧИЊА ПРВАЧИЊА

Две полжавчиња брзаат, вјасаат
на автобуската станица да стасаат.
Го минаа полето – итаат смело,
на училиште одат во другото село.
Полжавчињата првачиња ќе стануваат
ќе учат да читаат и пишуваат.
Сè што треба им е во куќарките,
во нив ги носат тетратките и читанките.

СТРАВОТ Е КАКО СЕНКА

Ако нешто те плаши,
не срами се и кажи.
Денес тоа што страши
и утре не мора да важи.
Заедно со твоите,
најдете му и име.
Нацртајте го, обојте
полесно ќе мине!
Стравот е како сенка
и често се шета.
Еднаш со Ленка,
другпат со Виолета.