Дар од Македонија

Денот шири топли раце
да нѐ гушне, да нѐ злати,
Сонце грее, пушта зраци,
нежен поздрав да ни прати.

Кај што грми да се смири
кај е топло ден да сјае,
нигде тага, сегде радост,
што е гладно сито да е.

Сонот наш ќе стане јаве
не нѐ плашат тешки грижи,
силна надеж, верба силна,
само напред нас нѐ движи.

Нека тлее жива искра
нека горат сјајни ѕвезди,
љубов топла како река
в срца наши да се вгнезди!

Завет наш прадедовски,
ширна Пелагонија,
добрина во срцата
дар од Македонија!

Перо Миленкоски


Татковината во песна

Листот што трепери во гората,
и денот што го носи зората,
бескрајно се блага мајковина,
и тие се нашата татковина.

И цветот на лицето твое,
и ветерот што милно нѐ гали,
се татково богатство мое,
вечна љубов за тебе што пали.

И водите што жуборат песни,
и птиците вивнати во лет,
се нашата мила татковина,
што го краси овој убав свет.
И јазикот милозвучен, мајчин,
наш исконски од предците е дар,
да ја љубиме татковината
и во срце да нѐ грее жар.

Мишо Китаноски


Татковино – убавино

Сакам роса во утрини светли,
во ливада сакам цвет до цвет,
сакам птици песнопојки в гора,
убавина сакам в сиот свет!

Сакам нивје плодородни, златни,
жита зрели сакам – клас до клас,
чучулига високо да лета,
да растура песна – ѕунлив глас.

Сакам рака пријателска, топла,
оро дружно сакам – брат до брат,
бистри реки пенливо да течат –
поздрав носат в мојот роден кат.

Сакам шум на бранови да слушам –
синевина – езерска шир…
Татковино, во тебе ми блика
убавина, љубов, сонце, мир!

Бистрица Миркуловска


Татковина

Родени сте во земјата
на езерата,
на иконите, црквата
и на верата,
земја на водите и војводите,
земја на брезите и залезите…
Гордо кренете ја главата –
родени сте во земјата
на честа и на славата!
И додека животот ве носи
кон нови брегови,
кон нови сонца, нови неба
и нови снегови –
откријте ги во Македонија
и мирисите
и вкусовите
и боите.
Татковината е чудесна –
затоа што вие постоите!

Димитар Алачки


Како се сака татковината

Местото
каде што се раѓаш,
тoa ти е родината.
Кога проодуваш,
и првите зборчиња ги учиш
тогаш ти учиш –
како се сака татковината.

Кога одиш во градинка
брзи стануваат ножињата,
на врата учителка те чека,
и исто како вчера,
ќе ги видиш другарчињата.

Фатени за рака
како шарени пеперутки
ги доближувате носињата,
ги мирисате цвеќињата,
играте во дворот,
во ширината
ве гали сонцето,
ве гали сончевината,
сега не ви е јасно,
но така се сака –
се сака татковината!
Вера Андон

До кај ми е татковината

До кај што ја гледам ширината
и на небото синевината
ѝ признавам на тишината –
дотаму ми е татковината.

И зајакот што трча во дивината
и кртот што ми ја ора градината
и срната горе во планината
и лисицата долу на падината,
сѐ ми е милината, родината,
таа е мајката, татковината.

И лозјата растечени во полињата
и вината спастрени во бурињата,
и куќите со дворовите, цвеќињата,
и црквите и џамиите со минарињата
и булеварите, улиците, патчињата
и селцата и гратчињата
тоа ми е своината,
мојата земја, татковината.

Сузана Мицева

(Од книгата „Татковината во детските срца“)