Меѓу плејадата познати македонски писатели за деца, Горјан Петревски веќе триесетина години се издвојува како автор што најлесно допира до детските срца. Тој во своите дела како да го пишува токму она што е во нивните глави во годините кога не се ни на небо ни на земја, кога ја подотвораат вратата на светот на возрасните, но ги чувствуваат и првите љубовни треперења.
Четири ученички, три од Радовиш и една од Кочани: Јована, Ана, Мирјана и Сандра, во своите состави ни објаснија зошто книгите на Горјан Петревски се нивна омилена училишна лектира и со задоволство ги читаат и меѓу себе разговараат за доживувањата на Марта, Споменка и другите херои на неговите дела, кои ги чувствуваат многу блиски и се соживуваат со нив.
„Исти очи“ се чита во еден здив, а се памети долго
Време на пандемија, време на неизвесност и потаен страв од непознатото. Најубав начин да се избега е да се земе книга в рака, да се заплови заедно со ликовите во настаните што ги создало перото на авторот. Моето дружење почна со книгата „Исти очи“ од Горјан Петревски. Ја прочитав во еден здив. Цело време нешто необично, магично, ме влечеше да ја дочитам докрај.
Оваа необична книга почна да ми ги открива убавините во планинските предели, искрената љубов на кучето Калин кон својот најдобар пријател Ангел, љубовта на Ана кон музиката и кон својот сѐ уште непознат брат. И како судбината си поигрува со детските животи на Ангел и Ана, за на крајот да ги спои во неразделна дружба и поддршка еден кон друг. Иако Ангел живеел во клисурата, а Ана во град, судбината точно одредила во кој момент да се спојат двете души, наслушувајќи ја музиката од флејтата и давајќи му го ливчето од возот.
Ме зачуди упорноста на Ангел да го пронајде тоа „специјално“ ливче хартија, барајќи го низ целата клисура. Можеби погледот во „истите очи“ бил одлучувачки да се поврзат двете души во една нераскинлива нишка запишана во нивните срца уште од раѓањето. Носен низ годините од силната љубов кон младата девојка, Ангел решава да замине во градот и да ја најде својата сродна душа. И конечно успева во тоа. Се запознаваат и тајната конечно е откриена. Дознаваат дека се всушност брат и сестра чија мајка ги оставила пред вратите на две различни семејства. Ангел едвај чека да заврши распустот и да се врати назад во својот дом. Но љубовта не престанува и никогаш не ги напушта душите што се споени да бидат вечно еден до друг, верувајќи во својата добрина и добрината на другите луѓе.
Јована Грчева, 6-1 одделение,ОУ „Никола Карев“ – Кочани
Романот,,Споменка“ е за спомените од детството
Кога читам некоја книга, посакувам да ја допрам душата на раскажувачот, да ги помирисам страниците, да ги допрам буквите. Величествениот Горјан Петрески е еден од моите омилени македонски автори. Тој е писател со голем талент. Во неговите романи за деца ни пишува за другарувањето, за детството, пријателството и непријателството, страдањата поради првите љубовни чувства. Читајќи ги неговите романи, кај нас младите се раѓаат и првите љубовни чувства. Книгата на која често ѝ се навраќам е „Споменка“.
Романот претставува навраќање на спомените од детството на главниот лик Бојан. Во романот се запознаваме со децата од дружината на Соколите и Црните Стрели, со Споменка, Вера Претералка, учителката Разделина и други ликови. Во него се запознаваме со другарувањето, со пријателството и непријателство, а секако и со големата љубов помеѓу Споменка и Бојан. Првата љубов во детството носи многу страдања. Бојан бил одличен ученик, но не можел да учи бидејќи во мислите му била само Споменка. Се срамел и не сакал никој да дознае за неговите страдања. Споменка е име од зборот спомен, кој ни кажува дека спомените од детството никогаш не заминуваат. Како и Бојан, и таа е длабоко вљубена во него. Иако Бојан сфатил дека во исто време може и да учи и да ја сака Споменка, сепак првата љубов завршила со разделба. На крајот и двајцата заклучиле дека навистина првата љубовта е како првиот снег, кој брзо исчезнува, а ретко останува.
Сандра Филиповска, ученичка во деветто одделение во ООУ „Крсте Петков Мисирков“ во Радовиш
„Марта“е идеална книга за сите млади
Како мала не бев голем љубител на книгите, но сето тоа се промени кога се сретнав со делата на Горјан Петревски. Сѐ се случи кога едно летно попладне мајка ми ме замоли да отидам до градската библиотека за да ја земам книгата што сакаше да ја прочита. Пред да заминам, библиотекарката ме праша дали сакам некоја книга и за мене. Ме интересираше што ќе ми предложи, па се согласив. Книгата го носеше насловот „Марта“. Тоа беше првата книга што навистина ми се допадна. Таа книга ме натера да се вљубам во читањето. Потоа продолжив и со други книги од Горјан Петревски. Ми се допадна неговиот начин на пишување. Тој знае како да допре до читателот и да открие длабоки вистини. Петревски ги знае сите тајни на децата.
Иако уживам во сите негови книги, би ја одвоила „Марта“. Ми се допаѓа нејзиниот мистериозен почеток, кој ја буди љубопитноста кај читателот. Книгата ни ја раскажува приказната за девојчето по име Марта, кое трага по својот татко. Зачинета со малку тинејџерска драма и лудост, книгата е идеална за сите тинејџери. Најдобриот дел од „Марта“ е нејзиното продолжение. Чест ми беше да бидам присутна на првата промоција на книгата „Другата Марта“, која се одржа во Радовиш, и лично да позборувам со писателот. Горјан Петревски навистина е прекрасна личност. Откако го запознав, сфатив дека многу од неговите дела се рефлексија на неговиот карактер и случувања од неговиот живот. Горјан Петревски засекогаш ќе биде мојот омилен писател на литература за млади, а неговата книга „Марта“ ќе има посебно место во моето срце.
Мирјана Василева, деветто одделение во ООУ „Крсте Петков Мисирков“ во Радовиш
„Далечна љубов“ ги опишува првите искри меѓу Павел и Сара
Неодамна го посетив моето мало катче со книги, како што си го викам „мојот пат кон различните страни на светот“ – и што да забележам. Меѓу целото богатство останала една непрочитана книга! И тоа од писателот што умее и знае како својот пишан збор да ни го пренесе ептен сфатливо во нашите мали умни глави! Овој пат писателот Горјан Петревски ми се претстави заедно со „Далечна љубов“.
Нѐ запознава со првите чувства на успешните соученици Павел Рампа и Сара Кадина од 7-а одделение, вистинскиот кошаркар и нежната виолинистка – кои се толку блиску еден до друг, но толку далеку и без храброст да си признаат еден со друг. Тие заедно со другите соученици се соочуваат со нови проблеми и нови предизвици, кои за нивна возраст се една голема нејасна појава и недоразбирање. Тагував со Сара, а сочувствував со Павел, се радував на секој нивни успех и соживував кога затворени во сeбe си размислуваа еден за друг. Успеаја да ме запознаат и со многу нови чувства и ми прикажаа уште многу нови ситуации додека бев влезена во нивниот свет.
Романот „Далечна љубов“ заедно и многу други дела од писателот Горјан Петревски се книги напишани на толку едноставен начин, лесни за читање, а успеваат да нѐ внесат во самите настани и нѐ тераат и ние да размислуваме на поинаков начин. Едноставната содржина, напишана на пристапен начин, ме привлече да почнам да ги читам неговите романи и книги и да ја засакам литературата уште повеќе од порано.
Ана Коцева, ученичка во деветто одделение во ООУ „Крсте Петков Мисирков“ во Радовиш