Од бележникот на Бисера Димеска
Бисера Димеска пишува поезија, драмски текстови и раскази за деца што ги објавува во различни списанија за најмладите. Некои од нејзините литературни творби се препеани на српски јазик.
Нејзините дела имаат етички пораки, а тоа, пак, им помага на младите читатели полесно да ја сфатат границата меѓу доброто и лошото.
– Мудрите стари луѓе велеле да се прави добро за да се добие добро. Правилата и моралните норми му се неодминлива лекција на секое дете што треба да стане човек. Имаме шанса да бидеме добри деца, добри ученици, добри родители и воопшто добри луѓе. Да успееме да станеме успешни во работата и на сите полиња, но не по секоја цена и не по цена на достоинството и разумот. Треба да бидеме будни за секоја шанса и за секој предизвик во животот и да даваме сѐ од себе. Испуштените шанси да нѐ потсетат дека идат нови, но секој нареден пат да сме поупорни, посвесни, потрпеливи и поодлучни, за да успееме да владееме со својот живот, а не тој да владее со нас – објаснува Бисера Димеска.
Слободното време, кое го нема доволно, бидејќи посветено работи како воспитувачка во градинката „Бончејца“, која е дел од ЈОУ „Наша иднина“ во Прилеп, таа го користи на многу креативен начин. Имено, Бисера свири на клавир, компонира и пее. Во градинката, пак, членка е на групата вработени што се грижат за првата ботаничка градина во предучилишните установи во Македонија, која се наоѓа токму во установата каде што е вработена.
По повод празниците што ги исполнуваат деновите во јануари, ѕирнавме во бележникот на воспитувачката Бисера, ја најдовме оваа песничка и решивме да ја споделиме со вас, драги наши читатели. Ф.Д.
Штом душата празнува
Традициите и обичаите
треба да се чуваат
луѓето меѓу себе
да се почитуваат.
Бадник, Божик, Водици
од дамнина се слават
венци од убавина
во секој дом се прават.
Бадник е пред Божик,
Христос наш се раѓа
во најубавите денови
овој празник спаѓа.
Раѓањето Христово
треба да се знае
тој е празник голем
што засекогаш ќе трае.
Водици е денот
кога мирни води течат,
осветени и лековити
болестите ги лечат.
Штом празнува душата
среќа има тука
со љубов и надеж
сечие срце чука.
Бисера Димеска