Сакаме да им ја подариме песната на сите битолчани и Македонци, каде и да се во светот. Проектот е поддржан од Општина Битола, а наскоро ќе биде снимен и видеоспот со убавините на градот. Николче Мицевски ја напиша музиката за химната, а текстот го напишав јас, заедно со Маја Митровска, вели Марина Коруновска, раководителка на хорот „Ѕвончиња“

Членовите на хорот „Ѕвончиња“ ја снимија првата детска химна за Битола

Битола, градот на песната и на музичката традиција ја доби и првата детска химна. Неодамна, кога поради пандемијата најголемиот број од дечињата времето го минуваа во своите домови, членовите на детскиот хор „Ѕвончиња“ ја снимија песната што му ја посветија на својот роден град.
– Нашата Битола е наш дом, наша гордост, катче во нашето срце со кое се фалиме каде и да одиме. Најопеан град, кој низ историјата одолевал на секакви искушенија и сѐ уште нѐ храни секојдневно со радост и убавина. Има ли поубав начин да се искаже љубовта кон сопствениот град, ако не преку песна? Понесени од љубовта кон својот град и мисијата на детскиот хор „Ѕвончиња“: „Ние пееме за еден поубав и подобар свет“, минатата година во студиото „Момировски “ е снимена првата детска химна на градот Битола – вели Марина Коруновска, раководителка на детскиот хор „Ѕвончиња“.
Музиката за химната е на познатиот композитор, битолчанецот Николче Мицевски, а текстот го напишаа Маја Митровска и Марина Коруновска.

– Планиравме со голем концерт на детскиот хор „Ѕвончиња“ да направиме промоција на химната, но поради настанатата ситуација со пандемијата тоа не беше возможно. Но не се откажавме од желбата да им ја подариме песната на сите битолчани и Македонци, каде и да се во светот. Секое дете во домашни услови го сними својот глас, а ги придружуваа: Александра Јанковска – пијано, Томе Спасовски – бас-гитара, Александар Гацоски – кахон и нашиот ученик Андреј Стевановски – гитара – дополни Коруновска. Проектот е поддржан од Општина Битола и од неколку познати фирми од градот, а наскоро ќе биде снимен и видеоспот со убавините на Битола.

Часови по пеење под ведро небо

Инаку детскиот хор „Ѕвончиња“ од 20 август почна со часови на отворено во Градскиот парк, Тумбе Кафе, наскоро и на Пелистер….
– Како оперска пејачка и педагог со 15-годишно искуство, секогаш се интересирав и надградував на полето на лековитото дејство на музиката (музикотерапија) и на пеењето (вокалотерапија) и особено за важноста на правилното дишење, како основа за совршено здравје (респираторна гимнастика).

За време на пандемијата сметав дека со самиот почеток на новата учебна година, во живо или онлајн, најважно ќе биде да ги одржиме белите дробови здрави и целиот респираторен систем и да го осознаеме значењето на правилното држење на телото преку пеење. Програмата е комбинација од неколку методи, кои го задржуваат вниманието на децата и се покажале исклучително корисни како превентива и закрепнување по респираторни заболувања. Се раководам од народната мисла подобро да се спречи отколку да се лекува. И секако по вежбите се распеваме и пееме песни со кои ги развеселуваме битолчани затоа што нашето мото е: „Ние пееме, за еден подобар и поубав свет“. А во тој свет најважно е да имаме здрави и среќни деца. Како, ако не преку музика и пеење – објаснува со многу ентузијазам Марина Коруновска.

„Ѕвончиња“ се бренд на Битола

Инаку, детскиот хор „Ѕвончиња“ од Битола е формиран во 2006 година, од страна на вокалниот педагог, професорката Марина Коруновска, која и денес раководи со него.
Квалитетната едукација во престижните музички центри (Белград и Софија), личното концертно искуство, животната енергија и духовно издигнување, макотрпната работа, методичноста и педагошкиот такт ја издвоија Коруновска како исклучително квалитетен професор по соло-пеење, низ чии раце поминале голем број таленти од повеќе градови од Македонија. Нејзините професионални вокални совети ги применуваат еднакво класични и естрадни пејачи, достигнувајќи врвни успеси на државни и меѓународни натпревари. Хорот и хорското пеење се уште една успешна приказна во нејзиното музичко поглавје.
Токму поради тоа не зачудува фактот што детскиот хор „Ѕвончиња“ веќе е битолски бренд надалеку препознатлив. Хор што исклучително успешно работи, пополнувајќи го вакуум-просторот во градот за детско хорско пеење. Дечињата на возраст од 3 до 16 год, поделени во три возрасни групи, музички се едуцираат, работаат во хармонија, со посебен акцент на креативната и воспитната страна на музиката и нејзиното дејство врз севкупниот развој на детската личност.
Наедно, Коруновска го формира и првиот хор за деца во тинејџерска возраст во Македонија – „Тин ѕвончиња“, во кој се изучуваат почетоците на повеќегласното пеење во различни жанрови на музика.

„Мелодиум“ – хор за пораснатите ѕвончиња

Нејзиниот камерен хор „Мелодиум“ е составен генерално од ѕвончињата што пораснаа (16 + години) и попатно израснаа во исклучителни вокали. Нивниот квалитет е често наградуван како во земјата така и во странство, а многубројните меѓународни настапи и награди во Словенија, Италија, Грција, Австрија… се потврда за вложениот труд, знаење, ентузијазам, љубов, почит и страст кон музиката.


Една си на светот, најмила

Граду мој, во ова срце ти си вечно млад
Битола, така чука стариот саат.
Со детски глас, гордо пеам за нас
за Пелистер, за Широк сокак

Домот мој, раце да ти пружи срце да ти дај
Битола, една си на светот најмила.
Песна се леј, срце наше се смеј
под Тумбе Кафе, низ чаршија.

За мене цел свет си, благодарам
Битола за тебе пеам.
Една на светот си моја Битола
со тебе се гордеам.

Текст: Маја Митровска и Марина Коруновска
Музика: Николче Мицевски


Богат репертоар

Веќе 6 години во Битола во организација на продукцијата „Коруновска сингинг енд мјузик“ се одржува вокална работилница: „Ослободи го својот глас“ (зимска и летна), каде што солистите имаат можност во придружба на професионален музички бенд да ги изразат своите вокални способности и со стручен тим да ги подготват песните што ги пеат.
– Верувајќи во силата на музиката и ангелските детски гласови за изградба на еден подобар и поубав свет, особено значење се обрнува на мултикултурната соработка, како и зачувување на македонската музичка традиција и нејзино афирмирање во светот. Репертоарот е богат и разновиден од детски, традиционален, до поп и рок-музика, но вокалната техника и уметничкото пеење се усвојуваат преку класичните композитори како Моцарт, Паизиело, Шуберт и други – посочи Коруновска.