Креативни поздрави се упатени до соучениците од ООУ „Страшо Пинџур“ во Вевчани. Се надеваме дека до крајот на учебната година и други училишта, поттикнати од овој повик, ќе си подадат рака на соработка и пријателство

Учениците од ООУ „Димката Ангелов-Габерот“ во Ваташа порачуваат:

„Драги другарчиња од ООУ ’Страшо Пинџур‘ – Вевчани, ние учениците од 4-б одделение од ООУ ’Димката Ангелов-Габерот‘ во Ваташа, сакаме да ве поздравиме, да ви посакаме добро здравје и преку нашите творби да ви се претставиме.
Во нашето одделение има 12 ученици, одделенска наставничка ни е Надица Стрезовска. Веќе една година учиме онлајн, но тоа не нѐ спречи да градиме мостови и да создаваме нови пријателства. Сите сме вредни и посветени ученици, пријателски настроени. Фотографијата што ви ја испраќаме е направена на Денот на планетата Земја. Исто така ви испраќаме и наши литературни и ликовни творби на различни теми.
Со надеж дека ќе можеме да се сретнеме и во живо и да другаруваме, ви испраќаме топли поздрави од Ваташа“.
Ова е почетокот на писмото што го упатија учениците од Ваташа до своите соученици во Вевчани, заедно со литературните и ликовните творби што со задоволство ги објавуваме во овој број на „Колибри“.
Многу сме среќни што нашиот повод за соработка наидува на сѐ поголем интерес и нашата училишна пошта секојдневно се полни.
Се надеваме дека до крајот на учебната година и други училишта, поттикнати од овој повик, ќе си подадат рака на соработка и пријателство.


Ваташа

Моето најлично село Ваташа вткаено е меѓу цуцулестите ридови на двете страни на реката Луда Мара, со куќи како монистра нанижани, кои како да им подаваат рака на многубројните жуборливи потоци што навираат во длабоките долчиња.
Среде пролет моето село Ваташа е китка шарена, среде лето е златна свиличка, есента е слатка кошничка, а во зима моето село е сребрена нишалка ветерна.
Ваташките ноќи се приказни, таинствени, вековни, кои ги раскажуваат кривулестите тесни сокаци, за моминските мечти, славните револуционери, културни дејци од славните дни минати.
Крепост, кроткост, храброст, работливост ги краси луѓето наши исправени сред смелиот непокор.

МОЕТО СЕЛО НАЈЛИЧНО…

Антонија Пењушкова, 4-б одделение
ООУ „Димката Ангелов-Габерот“ – Ваташа


Писмо до непознато другарче

Здраво непознато другарче
Се викам Ангела Ѓорѓиева. Имам 10 години и живеам во селото Ваташа, кое е оддалечено само два километри од градот Кавадарци. Ученичка сум во четврто одделение и учам во ОУ „Димката Ангелов-Габерот“ – Ваташа. Моето училиште и моето село имаат многу убава и интересна историја.
Се вели дека првата печатница била отворена во 1836 година во селото Ваташа од Даскал Камче.
Првото училиште во селото Ваташа било отворено во 1918 година и работело во стара зграда. Училиштето е преселено во новоизградена зграда во 1948 година со решение на Народниот одбор на Општина Кавадарци и го добило името на познатиот македонски комунист и партизан Димката Ангелов-Габерот.
Денес поради пандемијата на ковид-19 не сме во можност физички да присуствуваме на настава, па истата таа ја следиме онлајн. Со физичко присуство се одржува наставата од прво до трето одделение. Тие на училиште се наутро од 8 часот, а исто и ние од четврто и петто одделение. Учениците од шесто до деветто одделение се во втора смена попладне.
Во нашето училиште редовно се одржуваат активности со кои ни се олеснува учењето. Учествуваме на многу натпревари и се бориме со нашето знаење. Исто така и хорот и оркестарот учествуваат на многу натпревари.
Многу ми недостигаат училиштето, моите другарчиња, прекрасно уредената училница, приредбите и хуманитарните претстави и концерти. Најголема желба ми е повторно да се вратиме во училишните клупи.
Се надевам дека и поинаку ќе се запознаеме. До гледање и поздрав.

Ангела Ѓорѓиева, 4-б одделение
ОУ „Димката Ангелов-Габерот“ – Ваташа


Да имаш другар е голема среќа

Другарството е најубавото и највредното нешто во мојот детски свет. Тоа е како дрво што од млада фиданка се негува и расте во стројна крошна, која им се спротивставува на сите бури и ветрови. Другарството започнува од градинка, од нашата улица, се гради, расте и созрева во големо другарство.
Да имаш другар е голема среќа. Со другарот го исполнуваш времето со убави нешта. Кога си радосен и среќен и другарот се радува со тебе, кога си тажен, тој со својата поддршка и најголемиот проблем го претвора во зрно песок и не може да го попречи патот на безгрижноста.
Другарството е нежен цвет во цветна градина што постојано треба да се негува. Разбирањето и делењето тајни се сонце што ги грее, заедничката дружба е пролетна рака што го освежува и расте. Моето срце е полно со љубов кон моите другарчиња. Со нив ми е забавно и безгрижно.
Животот без другарче е тежок, а животот со другарче е весел и радосен.

Јаков Јакововски, 4-б одделение
ОУ „Димката Ангелов-Габерот“ – Ваташа


Здравје пред сeѐ!

Здраво деца од целиот свет! Мојата најголема желба е да заврши оваа опасна болест што се случува во целиот свет во последната година. Многу луѓе се разболуваат и умираат. Затоа носете маски, држете растојание, одржувајте редовна хигиена и дезинфекција за да можеме да ја победиме болеста и да ни продолжи детството. Запомнeте: здравјето е најскапоцено нешто. Чувајте го.

Златко Димов, 4-б одделение
ОУ „Димката Ангелов-Габерот“ – Ваташа


Другарство

Другарството е важно,
Без него сѐ е тажно.
Другарот те смее
А неговата насмевка душа ти грее.
Другарството го прави поубав овој свет, нѐ држи заедно сложни во секој нов ден. Другарството нѐ исполнува и нѐ прави среќни.

Ангел Серенаков, 4-б одделение


Порака за мир во светот

Нашиот свет се соочува со големи предизвици, воени конфликти, сиромаштија… Затоа сакам да упатам
ПОРАКА ЗА МИР ВО СВЕТОТ.
Се надевам дека ќе доживееме ден кога сите луѓе на планетата ќе имаат слобода сами да одлучуваат како ќе живеат. Сакам светот да е без војници и сите да се пријатели.

Уснија Сејфулова, 4-б одделение


Велигденска радост

Велигден иде
Убаво ќе биде
Во рано утро
Баба јајца вари
И убаво ги шари.
Црвеното е мое
А жолтото на Ирина
Нека биде твое.
Во детските очи
Радост блика, ќе се кршиме со јајца
Миа вика.

Димитар Богојчески 4-б одделение


Велигденска песна

Бели јајца мама вари
А потоа со бои ги шари,
Па убаво ги реди
По обравче ме гали
и ми вели:
Мило мое детенце
одбери кое.
Во твоите очи најубаво е!
Убав ден, весел ден
За сите нас е.
Сите се поздравуваме со
ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ.

Никола Миовски 4-б