ТАЛЕНТИ
Илина и Јована Николовски се две сестрички на возраст од 10 и 8 години. Илина е ученичка во петто одделение во ОУ „Невена Георгиева-Дуња“ во Скопје, а Јована е трето одделение во истото училиште. Потекнуваат од музичко семејство и од многу рана возраст покажуваат интерес кон музиката. Исто така се и ученички во нижото музичко училиште „Илија Николовски-Луј“, каде што Илина е четврто, а Јована второ одделение.
Досега снимиле единаесет свои детски песнички.
Првиот настап им бил на детскиот фестивал „Чунга лунга“ во Охрид, во рамките на „Охридски трубадури“ во 2016 година, со песничката „Лето“, а во 2017 г. настапија на детскиот музички фестивал „Тра-ла-ла“ во Битола со песничката „Јаболчиња“, каде што добија и една од наградите. Учествуваа и на детскиот музички фестивал „Јојо“ во Струмица, каде што ја испеаја песничката со наслов „Часовник“.
Исто така снимиле и две празнични песнички, посветени на најголемите христијански празници – „Божиќна“ и „Велигденска“. Во пресрет на новогодишните празници во 2018 година е реализирана и песната „Дедо Мраз“, која има и англиска верзија „Santa Claus“, а минатата година и „Елко елкичке“.
Илија и Јована беа ангажирани да ја испеат и химната на своето училиште „Невена Георгиева-Дуња“.
Во 2018 година вторпат учествуваа на детскиот фестивал „Тра-ла-ла“ во Битола со песничката „Цреши на уши“, а имаат и една преработка на песничката „Mary had a little lamb“ на македонски јазик“ – „Мери има јагненце“.
За песната „Љубов“, во која ги придружува оперскиот пејач Кристијан Антовски, го снимија и првиот видеозапис, на што се особено горди.
Авторка на текстовите на песничките што ги пеат Илина и Јована е нивната мајка Кристина, а додека музиката, аранжманот и продукцијата се дело на нивниот татко Сашо, кој подолго време се занимава со музика и компонирање.
Покрај времето што го одделуваат за нивната голема љубов музиката, Илина и Јована веќе четири години посетуваат и часови по глума.