Младите ракометарки од екипата „Колибри“ на РК Металург

На 6 јули точно пред 62 години се роди „Колибри“ и, ете, тука сме и денеска, на наша и на радост на децата и на сите што се грижат и творат за нив. Чекориме гордо по патеката што ја трасираа Евгенија Шуплинова, Перо Миленкоски и Наум Попески. Овој пат за тоа колку им значи да пишуваат за единствениот додаток за деца во македонскиот дневен печат ќе прочитаме од изјавите на нашите долгогодишни соработници, дописниците од цела Македонија, без чии написи „Колибри“ не би бил толку богат, со разни вести, информации, разговори со децата и со сите оние што се трудат да ги изведат на прав пат. Некои од нив веќе не се дел од екипата, но оставија длабока трага во изгледот и содржината на нашиот прилог, а на наше големо задоволство има и нови имиња, кои отсега почесто ќе ги читаме на нашите страници

МЕНДЕ МЛАДЕНОВСКИ (БИТОЛА):
УСПЕСИТЕ НА ДЕЦАТА ГИ ДОЖИВУВАМ КАКО СВОИ

Во мојата над 40-годишна новинарска кариера сум напишал илјадници текстови. Сум разговарал со илјадници соговорници од разни возрасти и разни професии. Но секогаш најмногу сум се радувал на текстовите и репортажите што сум ги пишувал за најмладите, за учениците. Оттаму, најмногу се радувам кога пишувам за „Колибри“. Таквото чувство не е случајно. Тоа најмногу се должи на радоста што ја гледам во детските очи, кога тие ќе се најдат на страниците на „Колибри “.
Пишувањето за нивните успеси, радости, почетоци во сликањето, музицирањето, победите на разни натпревари… предизвикува излив на емоции, на нескриена радост, не само кај децата туку и кај мене. Мислам дека само децата знаат искрено да се радуваат на своите успеси и на нивното афирмирање. Возрасните луѓе, а особено оние што по природата на својата професија се не само често туку и премногу често во медиумите, тоа го доживуваат како нешто нормално, како вообичаено, како нешто што многу малку или воопшто не ги допира. Децата знаат да се радуваат. Тие не знаат да ги кријат своите емоции, радости, па и неуспеси. Нивните солзи на радост или тага не го оставаат рамнодушен никого, па ни новинарите.
Затоа, „Колибри“ е прилог што мора да се негува, бидејќи така ние им даваме крилја на младите да творат, да создаваат, да се афирмираат себеси, училиштата во кои учат, па и своето семејство. Нивните успеси јас ги доживувам како мој успех. Затоа, сите честитки за „Колибри“.

КАРОЛИНА МИЦЕВСКА (ПРИЛЕП): ПРОМОТОР НА МЛАДИТЕ

Најпрво, нека ни е честита годишнината на „Колибри“, да се множат и годините и успесите што се постигнуваат. Да продолжи и понатаму да биде презентер на младите талентирани ученици од земјата. Преку неговите страници се пренесуваат различни приказни за најмладите, за нивните таленти, посакувања, соништа… Задоволството е големо за мене, поради тоа што речиси цели 20 години сум дел од „Колибри“, пишувајќи за младите прилепчанчиња, откривајќи ги нивните таленти, нивните постигнувања. Многубројни се приказните. Големо е задоволството кога по многу години ќе сретнеш некои од тие таленти, со оформено образование, и ќе те потсетат на убавите зборови што си ги напишал за нив. Затоа, „Колибри“ нека продолжи да биде промотор на младите.

МИРЈАНА МУКАЕТОВА (КАВАДАРЦИ): ГРИЖА ЗА ИДНИТЕ ГЕНЕРАЦИИ

Страниците на „Колибри“ се вистински украс на весникот и претставуваат букет цвеќе што ја краси „Нова Македонија“ во вторниците. Шарените страници на кои ги редиме успесите, ги бележиме младите таленти, но и учиме како најубаво да живееме со различностите, се најпозитивните вести за кои секогаш има голем број читатели, и тоа не само малите туку и повозрасните, кои се помногубројни, како нивните родители, нивните баби и дедовци, тетки и чичковци, нивните наставници и спортски тренери, соседи и пријатели. Додатокот „Колибри“ со секој напишан текст нѐ потсетува дека правиме нешто добро, корисно и хумано и пред сѐ човечно. Нѐ потсетува дека се грижиме за идните генерации, ги поттикнуваме, ги бодриме во нивните успеси и им помагаме да го трасираат својот пат во здрави и општествено корисни личности.

АЛЕКСАНДАР САМАРЏИЕВ (ТЕТОВО): СПОЈ НА РАБОТА И ЗАДОВОЛСТВО

Кога пишував за деца што создаваат поезија, се потсетував на моите училишни денови, кога и јас моите чувства и мисли ги претворав во стихови. Често се воодушевував од децата што зборувајќи со мене, ги истакнуваа својот талент, богат речник, значајно воспитание и едукација. Како новинар-дописник за национални медиуми (бев дописник на „Нова Македонија“ од 2008 до 2018 година), ги покривам сите општествени области, па во работата со децата и учениците ги имаше тие моменти кога најубаво поминував – спој на работата и опуштање со интересни теми за разговор. Амбициозните, успешни и мотивирани ученици и мене ми даваа поттик и нови идеи за креативна новинарска работа.

СНЕЖАНА ЏОРЛЕВА (СТРУМИЦА): ЗАБЕЛЕЖУВАЊЕ НА ПРВИТЕ ПОДВИЗИ

Особено задоволство е да се соработува со „Колибри“, единствениот додаток за деца и млади во дневен весник. Да се откриваат новите детски таленти, уште од најмали нозе, да се пишува за нивните први книжевни или спортски подвизи, за многубројни манифестации, младински кампови, концерти е вистинско задоволство. Особено затоа што овие млади таленти еден ден ќе израснат во врвни книжевници, спортисти или пејачи и чувството на задоволство е неизмерно. Како што вели нашиот роднокраен писател за деца Киро Донев, кој прв пишувал за Моника Селеш, за нејзините тренинзи како мала, а потоа славна тенисерка, така и ние дописниците се надеваме дека нашите јунаци еден ден ќе си го најдат своето место под сонцето.

ЗОРАН АНТОСКИ (КИЧЕВО): БЛАГОРОДНА МИСИЈА

Да се промовираат млади таленти е нашата најблагородна мисија. Долг е списокот на имињата на моите херои од „Колибри“, кои, како што велат сами, благодарение на мојот напис, остануваат засекогаш запаметени, а има и такви што и по долги години срамежливо ми приоѓаат за уште еднаш да кажат „благодарам“. И по 62-от роденден, „Колибри“ ќе продолжиме по истиот пат да открива и анимира таленти, на кои потоа им се олеснува патот до славата и успехот. А ние со нашиот ангажман ќе го трасираме нивниот развоен пат преку нашиот и нивен омилен додаток.
Мојата најомилена тема во весникот, каде што егзистирам 25 години, се откривањето и промоцијата на млади таленти: од ученици што убаво пеат,убаво пишуваат песни и раскази, до млади таленти за музика, спорт, на кои соработката со нашето „Колибри“ им е дополнителна мотивација да продолжат по истиот пат, да се надградуваат и да се усовршуваат. Дека нашата мисија е благородна, децата за кои сум пишувал пред многу години не забораваат дека нашиот придонес е многу значаен во нивниот натамошен професионален развој.Среќен 62. роденден, „Колибри“!

ФИЛИП ДИМКОСКИ (ПРИЛЕП): „КОЛИБРИ“ Е ШКОЛА ЗА ТОПЛИНА, ЉУБОВ И ЧОВЕЧНОСТ

Aко птицата колибри го собира слаткиот полен од најубавите цветови, додатокот за деца „Колибри“ ги собира најведрите, најубавите, најпоучните и најинспиративните приказни, деца, луѓе и настани и во вид на пишан збор секој вторник им ги подарува на читатели. Десет години да се соработува со „Колибри“ значи да се биде подготвен на едно динамично и предизвикувачко растење, полно изненадувања, но со огромен мотив и огромна љубов да се даде, да се извади најдоброто од себе за секој вторник да им се овозможи наслада за читателите. „Колибри“ е и поттик за работа и пишување, школа за зборот, новинарска работилница, негувател на македонскиот литературен јазик и, што е најважно, школа за топлина, љубов и човечност. Благодарен сум за сите поминати години во соработка со „Колибри“ и прекрасните контакти со неговата уредничка Марија Таушанска Анастасовска. Среќен роденден, драго другарче „Колибри“. Ќе бидам со тебе затоа што верните другари се верни и секогаш се тука за нас, како и ние за нив.

ТРАЈАН ДИМИТРИЕВСКИ (КУМАНОВО): СЕ ГОРДЕЕВ НА УСПЕСИТЕ НА МЛАДИТЕ СПОРТИСТИ

И сега се чудам со колку жар и ентузијазам пишував написи за додатокот „Колибри“. Можеби затоа што и самиот се радував на успесите на младите спортисти, но и други таленти, гледајќи ги како напредуваат и стануваат сѐ подобри и подобри, подготвени да го освојат светот. Навистина е за почит долготрајноста на овој уникатен прилог за најмладите, каде што се афирмираат успесите на учениците од цела Македонија, но и на Македончињата што се расеани по светот. Ми беше чест што бев присутен на страниците на „Колибри“, на кое му посакувам уште многу успеси во иднина.

ЉУБЧО АЛЕКСОВСКИ (ГЕВГЕЛИЈА): ИМ ПОМАГАМЕ НА МЛАДИТЕ ДА ГИ РАШИРАТ КРИЛЈАТА

Голем респект кон вашиот јубилеј, затоа што да останеш млад, свеж и полн со нови идеи и по толку години, навистина тоа го можат само малкумина избрани. Еден од таквите „посебни“ е токму долгогодишниот пријател на најмладите, единствениот додаток за деца во македонските печатени медиуми – „Колибри“. Во детскиот свет, покрај играњето и дружењето, книгите, сликовниците и детските списанија треба да бидат незаменливи пријатели на децата. Покрај тоа што го збогатуваат речникот на детето со читање, тоа активно се вклучува во светот на поезијата и прозата, што, пак, силно го поттикнува неговиот развој. Јас со гордост кажувам дека сум пет години постар од вас, а бидејќи научив да читам во својата петта година, читајќи го весникот „Нова Македонија“, кој татко ми секој ден го носеше кога ќе се вратеше од работа, најверојатно сум го прочитал и првиот број на „Колибри“.

И, што е многу важно, исто како и вие, и јас сите овие години одбивав да пораснам, се дружам со младите, и денес сѐ уште работам во медиумите, пишувам, разговарам со децата и, што е најважно, продолжувам и натаму да го откривам и промовирам нивниот талент. Чувството кога им помагаш на младите таленти да ги рашират своите крилја и да полетаат во пресрет на нивниот успех не се опишува со зборови. Едноставно, гледам во нивните очи и како да се гледам самиот себеси на нивната возраст, ги гледам нивната моќ, нивната внатрешна убавина и голема решеност да успеат со она што го создаваат. Секој нивни успех го сметам како свој.
А, на целата редакција на „Нова Македонија“ и на славеничето „Колибри“ им го честитам овој роденден и им посакувам уште долго време да останат најубавото четиво за читање на учениците, затоа што секој што чита, останува млад во срцето.


ОМИЛЕНОТО ЧЕТИВО НА МИХАИЛ И АНДРЕЈ

Михаил (9) и Андреј (7) Мијовски се браќа, кои многу се сакаат и се нарезделни. Тие учат во основното училиште „Владо Тасевски“ во Скопје. Михаил од есен ќе оди во петто, а Андреј во второ одделение. Често другаруваат со „Колибри“, ги сакаат песничките, подвизите на нивните врсници, сакаат да дознаат како живеат децата во други земји или кои се најновите дела на познатите македонски писатели за кои учат во читанките. Велат дека и летово ќе го читаат омиленото четиво.
Ни открија дека сакаат да одат на училиште и на паузата поради пандемијата не ѝ се израдувале воопшто. Иако сѐ уште не ги добиле свидетелствата, веруваат дека ќе бидат одлични. Летниот распуст го минуваат во дворот на својата куќа во населбата Козле, каде што имаат и мал базен, а си играат и со кучето Нео, тренираат тенис, а како и сите деца ги сакаат и игрите на интернет. Но и самите се уверивме дека веќе ги читаат лектирите за наредната учебна година. За продолжување на карантинот не сакаат ни да слушнат, а ако случајно има, велат дека ќе се преселат во училишната зграда и таму ќе живеат.


МАТЕЈ СО РАДОСТ ГИ ЧЕКА ВТОРНИЦИТЕ

Матеј Бучковски во септември ќе биде осмоодделенец. Тој е ученик во ОУ „Кочо Рацин“ во Скопје и вели дека често во вторниците другарува со „Колибри“. Интересни му се творбите на врсниците, но и песните на наши реномирани писатели за најмладите. Иако ги сака и новите технологии, тој секогаш наоѓа време и за дружба со книгата, но и со „Колибри“, што им го препорачува на сите деца.


Дипломите за најдобрите на креативниот повик на„Колибри“ до децата во цела Македонија, кои ги испративме вчера, 6 јули, кога „Колибри“ го одбележа својот 62. роденден


Летот на колибри, нацртала Анастасија Недељковска (15), ученичка во ООУ „Кочо Рацин“ – Куманово, која го освои првото место за ликовна творба на креативниот повик на „Колибри“: „Цртаме и пишуваме во карантин“