ДОДЕЛЕНИ НАГРАДИТЕ НА „ЏИФОНИ МАКЕДОНИЈА“

Рускиот филм „На работ“ (On the edge), во режија на Едуард Бордуков, е најдобар филм според жирито на сениорите на деветтиот филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“. Продуцентот на филмот Михаил Дегтиар беше гостин на фестивалот и на затворањето во Кинотеката се заблагодари за признанието што му го дадоа младите од Македонија. Станува збор за едно од ретките филмски дела посветени на мечувањето како спорт и вечните прашања за падовите и подемите на спортистите.
Белгискиот „Момче од вселената“ (Space boy), во режија на Оливие Перу, е најдобар долгометражен филм според јуниорското жири. Најдобар краток филм, според учесниците, во оваа категорија е рускиот „Првата линија“ на Катја Бугрова. Најдобар долгометражен филм кај кадетите е „Врева“ (Vacarme) на Неган Трудел од Канада, а најмногу гласови за краток филм доби „Ми се допаѓа Спајдермен, па што?“, на режисерот Федерико Микали. За најдобар краток филм сениорите го избраа 13-минутниот „Правила на првиот секс“ (First-time sex rules) на Полина Кондратева од Русија.
Петнаесетминутниот „Живото море“ на Ема Попоска, која живее во Хонгконг, беше најдобар филм направен од ученик. Сите добитници на наградите преку видеопораки им се заблагодарија на своите жирија.
Гости на фестивалот што држеа мастеркласови беа млади ентузијасти, страсни вљубеници во филмот, а секој од нив некогаш бил џифонец.
Фестивалот „Џифони Македонија“ е поддржан од македонската агенција за филм и Министерството за култура, Град Скопје, партнерот од Италија – „Џифони експириенс“ и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.