Во Хонгконг – Народна Република Кина, на почетокот на месецов, се одржа елитен светски ликовен настан – „Арт некст експо 2019“. По покана од организаторот во одделот „Некст плус“, серија проекти од посебно значење, беше отворена и претставена и поставка на „Малиот битолски Монмартр“.
Поставката за отворена ја прогласија високи владини претставници на Хонгконг, кои не ги штедеа зборовите на благодарност што во далечната, а толку блиска земја – Република Северна Македонија, во Битола постои едно катче што скоро четири децении е „фабрика“ од која произлегуваат идните истакнати светски ликовни имиња.
Особена благодарност беше искажана за раководителот на „Малиот битолски Монмартр“ – Коста Хаџи Антоновски, кој во 1981 година го препознал моментот дека уметникот сепак мора да има место каде што треба освен физички и уметнички да се „роди“ и одредил тоа да е Битола, а самата манифестација беше именувана „Олимпијада за уметниците“.
Акцент беше ставен на препознавањето и врамување на традиционалната архитектура, која е препознаена како светско културно наследство и од страна на УНЕСКО.
Од стана на организаторот не беше изоставен ни фактот што во 1996 година од страна на Гинисовата книга на рекорди „Малиот битолски Монмартр“ беше препознаен и забележан како најмасовна и најдолговечна манифестација од сферата на уметноста.
На „Арт некст експо 2019“ македонската поставка беше раководена од Елена Хаџи Антонова како претставничка на „Малиот битолски Монмартр“, додека во делегацијата, по покана од ликовното студио и самиот организатор, беше и Татјана Крнчева долгогодишна пријателка и промоторка на „Малиот битолски Монмартр“.
Патем низ 13-годишното учество на „Малиот битолски Монмартр“, „Симпли арт“, уметничката школа на Хенри Лау и Ирис Ли – поточно нивните ученици трипати освоиле гран при, највисокото признание на манифестацијата, шест пати го добиле признанието за најдобра тимска колекција на дела, а нивните ученици биле наградени за најдобар индивидуалец – учесник / 2 пати биле добитници на највисокото признание на здружението на ракотворци на Битола, а над 25 пати биле помеѓу 10-те најуспешни учесници на манифестацијата.
Со овие успеси уметничката школа „Симпли арт“ е најнаградуваната во постоењето на манифестацијата.
На „Арт некст експо 2019“ во Хонгконг, изложуваа над 100 светски признаени уметнички имиња, додека поставката на „Малиот битолски Монмартр“ беше единствената на која беа претставени дела на деца и млади, од 3 до 20-годишна возраст, што исто така не беше случајност. Или што би истакнал господинот Лау: „Светските докажани уметнички имиња секогаш мора да знаат од каде доаѓаат, но и младите надежи и таленти од каде им започнува иднината на светската уметничка сцена“.
Елена Хаџи Антонова