Од бележникот на писателката Мирјанка Р. Селчанец

Наеднаш рибата проговори: „Детенце, јас се викам Сима, а ти како се викаш?“ Марко зина да ѝ одговори, ама тогаш свирчето му падна од устата и се изгуби во езерските длабочини…

Еден сончев летен ден, кога Марко беше на летување во Охрид, татко му и мајка му му рекоа: „Денеска, Марко, со брод ќе пловиме по езерото. Сакаш?“ Марко многу се израдува, заплеска со рачињата и извика: „Сакам, сакам! Ама, мамо, може ли да си го носам свирчето што ми го купи тато вчера? Сакам со него да им свирам на рибите“.

„Добро“, му рече мајка му на Марко. И тргнаа.
Бродот, кој се викаше „Галија“, ги сечеше езерските води, а Марко со мајка си и татко си и со другите патници седеа на палубата и уживаа во глетката: насекаде околу бродот разиграни езерски бранчиња, а во далечината – градот Охрид, Самуиловите кули, околните планини…

Марко беше пресреќен. Од среќа му идеше да летне и да им се придружи на белите галеби, кои го надлетуваа езерото. Ама дете, не може да лета. И така, Марко си седеше на палубата, си свиркаше со свирчето и ѕиркаше во длабоките езерски води за да види некоја голема риба. И навистина: во водата ја здогледа големата риба, која цело време го следеше бродот со кој пловеше Марко и одвреме-навреме му мавнуваше на Марко, со опашката. А Марко, свиреше ли свиреше со свирчето. Татко му неколкупати го опомена да престане, велејќи му: „Аман бре, сине, запри, умот ни го извади“. Ама Марко се правеше како да не го слуша татко си и продолжуваше да дува во свирчето и да ја гледа големата риба што го следеше бродот.

Наеднаш рибата проговори: „Детенце, јас се викам Сима, а ти како се викаш?“ Марко зина да ѝ одговори, ама тогаш свирчето му падна од устата и се изгуби во езерските длабочини. Е, дури тогаш настана пиштење… Ништо не можеше да го запре Марко да не плаче за своето свирче. Плачеше, плачеше, плачеше. А бродот си пловеше понатаму…

Одеднаш до ушите на сите патници, па и на Марко, допре свирење на свирче. Сите се погледнаа зачудено. „Па, тоа е Марковото свирче“, повикаа.
Се чудеа од кај иде свирењето.

Марко погледна во водата и што ќе види: рибата Сима, мавта со опашката, а во устата го држи свирчето и свири, свири… Марко почна да вика: Рибо Сима, те молам дај ми го моето свирче, те молам, те молам…“ И продолжи да плаче. Не можејќи да го слуша Марко како плаче, на палубата се качи капетанот на бродот, чичко Наум, и му рече: „Молчи, детенце. Сега моите рибари ќе фрлат една мрежа во езерото, ќе ја фатат рибата Сима, а таа ќе ти го врати свирчето“.

И така направија. Арно ама, кога ја качија рибата Сима на палубата таа ја зина устата, го спушти свирчето и почна да скока како да стои на вжештен песок. „Зошто толку скокаш, рибо Симо?“, ја праша Марко.

„Затоа што рибата не може да живее надвор од водата“, рече капетанот, чичко Наум. „Ајде Марко, фати ја, погали ја и пушти ја назад во езерото“.
Марко направи така. Ја погали рибата Сима, ја гушна цврсто со своите рачиња, ја бакна во перката на грбот и со помош на татко си ја фрли назад, во сините езерски води. А рибата Сима го следеше бродот „Галија“ сѐ до пристаништето во Охрид.

(„Приказни за Марко“ – Мирјанка Р. Селчанец)


Наместо белешка за авторот

Мирјанка Р. Селчанец е писателка и поетеса од Прилеп. Добитничка е на највисокото градско признание на Прилеп – наградата за животно дело „3 Ноември“. Својот град, кој неизмерно го сака, авторката најмногу го задолжи со романите „Анка“, „Гена“ и „Маргарита“, кои ја сочинуваат трилогијата „Прилепчанки“. Трите романи се напишани на стар прилепски дијалект. Авторка е на монодрамите „Камен на душата“, „Мактуб“, „Живи закопани“, романите „Насадена љубов“, „Живот со патрдии“, „Бунтовник со причина“, „Шаховска партија со животот“, „Лет кон божилакот“, „Сѐ почна со пламенчето“, „Интимни исповеди“, на збирките поезија „Венец од мирта“ (во таа збирка е сонетниот венец „Љубовта не умира“), „Еден бакнеж“, „Крлушки од душата“…
Нејзините драмски текстови ги изведувале врвни актерски имиња како Мите Грозданов, Сабина Ајрула Тозија, Снежана Стамеска, Шенка и Ѓорѓи Колозови…

Во однос на творештвото за деца најголем успех доживува со книгата „Приказни за Марко“, која е дел од Трилогијата за Марко и ги содржи книгите: „Забавачето Марко“ и „Првачето Марко“, потоа бајко-романите „Илин“, „Насмевка“ и „На бајките збогум“. Минатата година авторката прослави 20 години од објавувањето на својата прва книга, добитничка е на повеќе награди во државава и секојдневно активно твори во повеќе литературни жанрови, рецитира и го љуби животот. Член е на Клубот на литературни творци од Прилеп.