Во соработка со Државниот санитарен и здравствен инспекторат во општината Центар во основните училишта на нејзината територија во тек е кампања за правилно миење раце и одржување лична хигиена, за да се спречи ширењето на сите лесно преносливи вируси, вклучувајќи го и коронавирусот.

Во сите основни училишта се одржуваат обуки за наставниот и техничкиот кадар за важноста на миењето раце и здравите навики за одржувањето на личната хигиена.
Кампањата се одвива под слоганот „И суперхероите мијат раце“, а целта е да се поттикнат децата и возрасните редовно и правилно да ја одржуваат хигиената на рацете. Истражувањата покажуваат дека токму основните училишта се најчест извор на зарази, а една од причините е што голем дел деца воопшто не ги мијат рацете додека се на училиште.

– Нашата цел е да ги посетиме сите основни училишта, почнувајќи од општината Центар, и на соодветен начин да ги едуцираме учениците како да изградат правилни хигиенски навики. Постојат низа примери за слични кампањи во голем број европски и светски земји, а ние ако Државен санитарен и здравствен инспекторат утврдивме дека има потреба за ваква активност и во нашата држава – вели д-р Ирина Сотирова-Бухова, директорка на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Миењето со сапун ги отстранува бактериите од рацете. Ова помага да се спречат инфекции и појава на болести, како дијареја, пневмонија и грип, кои се најприсутните заболувања помеѓу децата од училишна возраст.
– Податоците за хигиената на рацете кај децата во основните училишта се загрижувачки. Имено, 58 отсто од нив мијат раце по употребата на тоалет, а сапун употребуваат 28 проценти од девојчињата и само 8 проценти од момчињата. Овој недостиг од ефективни практики за хигиена на рацете честопати доведува до акутно гастроинтестинално заболување кај децата во основното образование – посочува проф. д-р Весна Герасимовска, специјалист интернист, супспецијалист нефролог.
Покрај учениците, во процесот на едукација од стручни лица, се вклучени и вработените во училиштата.

– Верувам дека со оваа кампања дополнително ќе се подобри хигиената во сите основни училишта во нашата општина. Се надевам дека општината Центар ќе биде позитивен пример и мотив оваа корисна активност потоа да се реализира и во другите општини низ Скопје и низ целата држава – рече градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ.

Првата едукативна работилница се одржи во ООУ „Киро Глигоров“, по што следуваа слични настани и во другите училишта. За да се привлече вниманието на учениците, креирани се и специјални постери, како и стикери за во тоалетите во училиштата.


 

Мијте го рацете по следните активности:
 контакт со миленичиња/животни
 употреба на тоалет
 кивање, кашлање и дување нос
 допир со исеченици или отворена рана
 играње надвор
 пред и по јадење