Со издавањето на книгата „Феликс“ на Вера Николова, темата за холокаустот на еврејскиот народ во Македонија (во Скопје, Битола и во Штип) повторно стана достапна за нашите ученици како лектира и како сознание дека некогаш со нас живееле македонските Евреи и со нас делеле добро и зло. Ова не е само потсетување на холокаустот туку е и неодминлива трајна вредност во македонската литература за деца, вели Мишо Китаноски, автор на поговорот за книгата „Феликс“
Мразулците веќе одамна без исцедени од стреите. Снежната покривка речиси сосема ја снема, пролетните влажни ветрови силно ги растресуваа голите гранки на дуњата во дворот, кога едно попладне Миле го повика Феликс на разговор во одајата. Разговорот беше краток.
– Докторот го затворија, Феликсе. Утринава го зедоа. Знаеш, сега за нас е опасно да седиме тука. Јас размислував доста… Па, мислам, да одиме заедно…
Срцето на Феликс цело време трепереше сѐ додека не го чу она „заедно“. „Заедно, заедно, секаде заедно, другару мој“, велеа црните сериозни очи на Феликс, украсени со долги свилени трепки.
„Знам, во планината ќе одиме, во планината, таму каде што ги пукаат бомбите и каде што фрчат куршуми, каде што гинат луѓето“, како да велеше малата исправена брчка помеѓу лесно набраните веѓи.
„Ќе ги оставиме двете, ќе одиме да се бориме и ќе бидеме храбри – дома да се вратиме како јунаци“, како да велеа неговите мали цврсто стегнати тупаници.
А Миле го разбра сето тоа и му се насмевна со очите, онака малку, само малку го прегрна и му ја спушти на детското рамо својата широка, топла дланка.
Рано изутрината, на вратата на кујната, Феликс малку несмасно и круто ја прегрна и ја бакна својата сестричка Стела. Му се сакаше да ѝ рече нешто убаво, но ништо не му паѓаше на ум.
-Да ја слушаш тетка Стана – одеднаш рече тој нешто што никогаш не го слушнал да им се вели на деца при разделба.
– И козата да ја чуваш… немој да ја оставаш без вода… да биде жедна…
тетка Стана се совладуваше, но сепак плачеше. И со влажно лице ги бакна двајцата, него и Милета, и помоли:
– Деца, да ми се чувате!
Потоа тие тргнаа.
Излегоа низ бавчата, по патеката поплочена со тули. Потем и портата ја оставија зад себе. Кога дојдоа до огромната зграда на ложилницата, Феликс се сврти назад. На портата сѐ уште стоеше тетка Стана, со својата голема шамија на лицето и за рака ја држеше малата синоока Стела, која беше облечена во црвено фустанче.
Феликс за момент си ја замисли сликата од пред неколку години. Така мајка му, држејќи ја Стела за рака, некогаш го испраќаше на училиште. Споменот му го наполни срцето со тага и, како што му се пристори, со некаква слабост. Феликс се напна да го отфрли тоа сеќавање и уште еднаш мавна со раката во знак на поздрав. Тие му одговорија.
Денот беше сончев, но студен и остар. Феликс одеше во чекор со својот голем другар. Одеше сериозно и молчејќи по должината на колосекот по кој есента мина долгиот воз со вагони за добиток и со решетки на тесните прозорци низ кои се подаваа раце, лица, коси…
И во ритамот на чекорите со кои Феликс се обидуваше да оди токму со својот голем другар, одеднаш во ушите му забучија зборовите:
„Феликсе, не заборавај го овој воз, не заборавај го овој воз, не заборавај го овој воз…“
И оној писок на локомотивата, кој како да ги беше впил во себе сите лелекања на оние во вагоните. И белузлавиот чад што се виореше зад страшниот црн воз како неостварени желби и надежи на сите оние луѓе што отпатуваа и ги оставија зад себе сите тие – па и неговиот татко и мајка му.
А тој сега како да тргнал да ги најде тие желби и надежи, да ги оствари и исполни.
И одеше токму со Миле, носејќи ги својата надеж и своето верување.
На портата сѐ уште стоеше тетка Стана, со својата голема шамија на лицето и за рака ја држеше малата синоока Стела, која беше облечена во црвено
фустанче. Феликс за момент си ја замисли сликата од пред неколку години. Така мајка му, држејќи ја Стела за рака, некогаш го испраќаше на училиште. Споменот му го наполни срцето со тага