Преку игри, поезија и претставување на српското издание на својата книга „Заедно да растеме“, поетот Филип Димкоски во рамките на работилниците другаруваше со децата, со намера тие повеќе да се мотивираат и да научат повеќе за српскиот јазик, култура, уметност и литература
Управата за развој на образованието на заедниците при Министерството за образование и наука на Македонија, во функција на подобрување на наставата на заедниците, често е меѓу учениците и во училиштата низ Македонија дури и во отежнати услови на наставата, предизвикани од пандемијата на
ковид-19.
Така, непосредно пред прославата на патрониот празник на ООУ „Страшо Пинџур“ во Јосифово се одржаа две работилници за учениците од трето и од четврто одделение, кои го изучуваат изборниот предмет Јазик и култура на Србите.
Преку игри, поезија и претставување на српското издание на својата книга „Заедно да растеме“, поетот Филип Димкоски во рамките на работилниците другаруваше со децата, а сѐ со намера тие повеќе да се мотивираат и да научат повеќе за српскиот јазик, култура, уметност и литература.
– Со поетот Филип Димкоски бевме низ училишните клупи. Децата беа радосни и уживаа учејќи и забавувајќи се. Морам да го истакнам моето задоволство од убавата соработка со ова училиште, со учениците, наставничката, целиот персонал и директорот Антонио Дилберов – го истакна своето задоволство Милутин Станчиќ, директор на Управата за развој на образованието на заедниците.
Училишната библиотека при оваа посета се збогати со книги на српски и на македонски јазик, а директорот на Управата, на учениците и на наставничката по српски, Љубица Тошевска, им подари примероци од најновиот број на српското списание за деца „Мал забавник“.
На крајот беше констатирано дека овие средби на учениците и писателите се многу корисни за децата и ги поттикнуваат на креативност и учење, бидејќи низ игра и низ иновативни методи децата се мотивираат и подобро ги примаат новите знаења. Поетот Димкоски рече дека по над педесет посетени образовни институции во Македонија, во регионот и во светот, уверен е во важноста и потребата од ваквите работилници и затоа е подготвен секогаш да им излезе во пресрет на децата и на образовните институции.