„ЗАПИСИТЕ НА УЧИТЕЛОТ“ – ПРВА КНИГА НА ВЛАТКО СТОЈКОВСКИ
Неодамна излезе од печат првата книга на авторот Влатко Стојковски, насловена „Записите на учителот“. Станува збор за збирка од четиринаесет прозни записи и раскази инспирирани од педагошката дејност на авторот.
– Работата со млади луѓе несомнено за мене претставува значаен предизвик. Моето работење во рамките на основното образование во период од една деценија ме инспирира да ја создадам збирката – вели наставникот Стојковски.
Авторот е професор по македонски и англиски јазик и ова е негово прво дело. Работел и како преведувач на неколку дела за ДИД „Македоника литера“ од Скопје.
Во збирката преовладуваат различни теми што се актуелни во училишниот и секојдневниот живот на младите и на возрасните. Во неа ќе сретнете случки и личности што се многу блиски до нашата реалност, но исто така нејзините страници ќе ве однесат на средба со некои од најзначајните личности од македонската културна историја, како Григор Прличев, Климент Охридски, Партениј Зографски, Димитар и Константин Миладинови и други.
Секој од текстовите изобилува со описи што лесно може да го доближат читателот до ликовите и местата каде што се случуваат настаните. Во нив исто така преовладува една длабока емоционалност, која е резултат на главната идеја на секој текст поединечно. Темите се различни. Се пишува за значењето на мајката во животот на детето, за потребата да се остане храбар во моментите на семејната загуба, за помагањето на децата од домот за сираци, за предизвиците во животот на децата со тешкотии во психифизичкиот развој, за влијанието на интернетот врз младите, за значењето на Божиќ, за македонските учители, писатели и уметници, кои низ времето оставиле неизбришливи траги со нивното дело… Во книгата има и патописни доживувања, кои ќе ве одведат на некои од најубавите локации во Македонија.
Делото совршено одговара за ученици во повисоките одделенија на основното училиште, за средношколците, за повозрасните читатели, како родители, наставници, како и за секој вљубеник во пишаниот збор.
Рецензенти на книгата се писателот Горјан Петревски, кој за неа напиша дека е „ковчеже од разни скапоцености што потекнуваат од длабоката интима на авторот“, и драмскиот критичар Сашо Огненовски, кој, пак, вели дека „ова е книга натопена со многу чувства и возбуда“. Книгата е финансиски поддржана од страна на Министерството за култура, а издавач е самиот автор. Илустрациите и корицата се дело на Дарко Ристевски, а уредувачката работа на Елизабета Мијалкова.
Својата прва промоција книгата ја имаше во Охрид, како дел од летниот книжевен камп „Да бидам, да бидам 2020“, во организација на Сојузот за грижи и воспитување на децата од Македонија, а други промоции ќе следуваат во Битола, Прилеп и во Скопје.