Оваа книга, како и обновената литературна манифестација во чест на Видое Подгорец не се само одраз на една голема почит и пријателство. Тие се и личен нагон да се втисне Подгорец во меморијата на оваа земја
Нови книги: „Видое Подгорец – незавршена приказна“ од Киро Донев
Не се случува често пријателството да го надживее животот. Да продолжи да постои, да се негува и расте и кога едниот пријател ќе го „снема“ од лицето на земјата. Оти тоа е дел од животот. Подразбира заедништво, разговори, шеги, спомени. Можеби и некое недоразбирање, препирање, караница. Спротивно на тоа, писателот Киро Донев ни докажува дека пријателството може да продолжи да живее надвор од луѓето, еден да биде телото, за духот на двајца. И вистина е така. Штом се спомне Киро, се помислува веднаш и на Подгорец, оти Киро така ни наметна, каде што оди тој, Подгорец го носи со себе. Како што човек во себе ги носи домот, планината, омилените предели. Така, Киро оди со уште една личност, без да му се плаши од сенката, од големината, туку напротив, со неговиот лик пред себе се движи. Небаре така подобро ги осветлува и неговиот лик, неговата суштина. Таква е нивната приказна. Еден голем бескрај. Круг на безусловна љубов и почит. Едниот пријател замина, а другиот го негува споменот и им го пренесува како аманет на сите што го опкружуваат, со кои тој се среќава, пие кафе, работи. Се сака и почитува. Преку Киро, Видое Подгорец си го продолжи опстојувањето повеќе од дваесет години по физичкото заминување. Како најголем паметник на едно пријателство, но и на едно постоење, писателот Киро Донев речиси две децении ја ткае „Незавршената приказна за Видое Подгорец“. На прашањето зошто толку долго ја пишувал оваа романизирана биографија Киро ќе рече:
„Има неколку причини. Едната е што три министерства и три различни комисии не видоа национален интерес во ова дело. Првпат ракописот го оформив некаде во 2002, на петгодишнината од смртта на Видое. Но по толку одбивања, остануваше како камен да тежи во фиоката на мојата работна маса. Друга е што ракописот повремено го менував. Има многу премолчени вистини за Видое. Во почетокот кога ја почнував книгата, запишував сѐ што знаев за него, за неправдите што му беа нанесени. За пријатни и непријатни случки што го обележуваа, но и преку ранувања го преобликуваа. Сепак, како што течеа годините, текстот се прочистуваше за да дојде во сегашната форма.“
Печатењето на книгата, „Видое Подгорец – незавршена приказна“, на крајот го финансира Општина Струмица. Излезе пред неколку седмици, во издание на здружението „Средби под јаворите – Видое Подгорец“, што токму Киро Донев го основа во чест на писателот и пријател, или како што тој милува да го нарече, духовниот татко, Видое Подгорец. Дизајнот на корицата е на академскиот сликар Димче Исаиловски.
На 240 страници се поместени многу случки од заедничкото патување на Киро и Подгорец, почнувајќи од првата средба. Сведоштва и сеќавања на пријатели, фотографии што јавноста сѐ уште не ги видела, а помладите генерации и не знаат дека постојат. Кажувања од колеги-писатели за Видое, но и личните посвети што Подгорец му ги пишувал на Киро, при подарувањето примероци од секоја нова книга.
За ова толку ретко и инспиративно пријателство, рецензентката на книгата и авторка на предговорот, професорката Ана Витанова-Рингачева, ќе рече:
„Киро Донев со години живее со чувството на неспокој што катадневно се раѓа од натрупаните спомени од животот поминат со пријателот и учителот Видое. Измачуван од потребата вистината да се качи на пиедестал за да си го заслужи своето место во историјата, Киро Донев започнува да ја раскажува приказната за себе и за Видое. Во оваа книга тој со голи раце ги корне и трнот и глогот од својата душа, за да го расчисти обраснатиот двор и ликот на Видое Подгорец да блесне во полн сјај“.
Оваа книга, како и обновената литературна манифестација во чест на Видое Подгорец не се само одраз на една голема почит и пријателство. Тие се и личен нагон да се втисне Подгорец во меморијата на оваа земја.
Сузана Мицева, новинарка и поетеса