Во ООУ „Рајко Жинзифов“, во Кисела Вода, во организација на здружението на музички педагози „Полихимниа“, минатата недела се одржа едукативен час по музичко образование.
На часот, кој се одржа во рамките на проектот „Приказна за инструментите“, учениците од трето и од четврто одделение научија нешто повеќе за класичната музика, за примената на музичките инструменти и за тоа како со нив се создава звук/мелодија.
Покрај ова, децата имаа можност на инструментите на едукаторите – професионални музичари да се обидат да засвират.
„Приказната за инструментите“ е приказна за четири прекрасни принцези, кои претставуваат по еден инструмент, нејзиното височество флејтата, виолината, виолончелото и нејзината кралица пијаното. По кратката мелодија на секоја од нив следува приказна за настанокот на секој инструмент, неговиот развој во текот на годините и примената во музиката, за на крајот сите инструменти заедно да музицираат.