„Преку уметност до свет на ненасилство“ и „Пречкртај насилство, нацртај љубов“ се пораките што, меѓу другото, сакаат да ги пренесат до младите организаторите на креативната графити-работилница и панел-дискусија за борба против меѓуврсничкото насилство, на 9 февруари, во СГГУ „Здравко Цветковски“ во Скопје, со почеток во 10 часот. Ќе учествуваат над 100 учесници, стручни соработници, партнери, претставници од медиумите, ментори и други поддржувачи на проектот, за да се подигне свеста против овие девијантни појави меѓу средношколската популација.
Своето учество на креативна графити-работилница со паралелна панел-дискусија го потврдија: Атина Томовска, директорка на СГГУ „Здравко Цветковски“; Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ во нашата земја; социјалните работници Димитринка Јорданова-Пешевска, доцентка на детска, адолесцентна и здравствена психологија и советување; Владо Караев, МТСП, социјален работник и активист против насилство; Светлана Војновска, социјална работничка во ЈУ за згрижување деца со воспитно-социјални проблеми; Ана Попризова, психолог и професорка во СУГС „Орце Николов“; Маја Војновска, педагог во СУГС „Јосип Броз-Тито“ – Скопје; Светлана Аспровска-Тодоровиќ, психолог во СУГС „Георги Димитров“ – Скопје; Милош Б. Андоновски, театарски режисер и професор; Александра Трпеска, блогерка; Теа Трајковска, естрадна уметница; и графити-артистите Давид Ристевски, Никола Димов, Теодор Петровски, Бодан Костов, Давид Стоилковски, Марко Лазов, Матеј Петковски и други.
Настанот се реализира во рамките на првата генерација на „Џенерејшн анлимитед – Младинскиот предизвик“ на УНИЦЕФ, имплементиран од здружението на граѓани „Смартап“, а во организација на тимот СПЕС, еден од петте тимa што добија шанса да ја реализираат својата идеја за борба против меѓуврсничко насилство.
– Нашата идеја е преку уметноста, односно со цртање графити (мурали), да се испратат пораки во правец на подигнување на свеста против меѓуврсничкото насилство во училиштата за средно образование. Паралелно со оваа активност е планирана и реализација на панел-дискусија со артисти, психолози, лица што имаат големо влијание врз младите во Република Македонија. Проектот „Џенерејшн анлимитед – Младинскиот предизвик“, кој се случува во 16 различни земји во светот, во Македонија има цел да поттикне млади иноватори што ќе дизајнираат идејни прототип-решенија на темата „Како може да го прекинеме насилството врз и меѓу децата (#ENDViolence)?“ – велат организаторите.
Повеќе информации за настанот може да најдете на www.genunlimited.mk.